Линкови за пристапност

МВР го осуди нападот на новинарската екипа


МВР го осуди нападот врз новинарската екипа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

Инцидентот се случи за време на митингот на „За заедничка Македонија“ во Скопје

„Сакам во мое и во име на Министерството за внатрешни работи да ги осудам вчерашните настани и да ве уверам дека МВР ќе ги употреби сите капацитети за да расчисти случаите,“ кажа министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу.

Ваквиот чекор на МВР следи по синоќешниот напад врз екипа на порталот А1.он за време на митингот на „За заедничка Македонија“ во Скопје. Новинарот и снимателот завршија на Ургентниот центар со повреди на глава и тело. Биле нападнати од зад грб од неколкумина учесници на протестот затоа што ги снимале како од Триумфалната капија фрлаат компјутерски отпечатени банкноти на албански јазик.

Јордан Ламаноски, помошник - министерот за односи со јавноста, на прашањето зошто полицијата навреме не интервенирала, одговори:

„Полицајците патролираат, не се конкретно на едно место, кусо траел нападот и полицајци се упатиле веднаш кон местото на настанот“.

На разговор биле повикани 12 лица, се проверуваат фотографии и снимки од безбедносните камери, но засега полицијата нема никого осомничено. Нухиу уверува дека ќе бидат санкционирани сите обиди за нарушување на јавниот ред и мир и апелираше граѓаните да се воздржат од насилство. Претходно тој се сретна со претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани кој побарал итно расчистување на настанот:

„Го потсетив министерот дека во Македонија е создадена политичка култура на неказнување насилство врз новинари – досега имаме регистрирано 40 напади врз новинари и закани, уништување на имот и досега МВР, обвинителството, судството во Македонија не покажаа подготвеност за расветлување на овие случаи и насилниците да излезат пред лицето на правдата. Најодговорно тврдам дека сериозно се сомневам дека зад нападите лично стои Никола Груевски зашто тој во изминатите години не направи ништо да спречи вакви напади“.

„Насер Селмани лаже и манипулира поврзувајќи го ВМРО-ДПМНЕ со нападот на новинарите“ – одговорија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ која го осуди инцидентот. Реакции стигнаа и до Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како и од Советот на етика во медиумите кои побараа вакви инцидент никогаш да не се повторат и да им се овозможи на новинарите непречено да си ја вршат работата.

XS
SM
MD
LG