Линкови за пристапност

Селмани: Институциите не можат да ме заштитат


Не успеа да ме скрши режимот на Груевски, со многу потешки притисоци, нема да ме скршат ни овие закани, рече претседателот на ЗНМ

„Многу ме боли, како граѓанин на Македонија, бавното реагирање на надлежните. Сепак, не се чувствувам поразен поради фактот што, иако Уставот на мојата земја ми гарантира слобода на јавно изразување, институциите не можат да ме заштитат од заканите и насилството“, изјави за Гласот на Америка Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), по заканите и навредите од високиот функционер на ДУИ Беќир Асани и од неговиот брат.

За таа цел денес новинарите денес протестираа пред Владата, барајќи заштита за Селамни и новинарската професија.

„Мојата реакција и учеството на денешниот протест не се поради тоа што јас лично се чувствувам загрозен, туку затоа што како новинар, знам колку е загрозена слободата на говорот во Македонија. Ако на насилниците им успее да замолчат еден новинар, еден Насер Селмани, кој е и претседател на Здружението на новинарите, нормално е да се очекува еден дел од новинарите да се исплашат и да не работат според новинарските норми и моралните стандарди. Со насилството се испраќа многу јасна порака: Ако го замолчиме претседателот на ЗНМ, со останатите ќе биде полесно“, изјави Селмани.

А на сите кои вршат насилство им порача:

„Не успеа да ме скрши режимот на Груевски, со многу потешки притисоци, нема да ме скршат ни овие закани“, вели тој.

Нема цена која не сум подготвен да ја платам, за да бидам гласот на моите колеги, гласот на јавноста“, рече Селмани

На прашањето, колку за ситуацијата во која се наоѓа новинарството се виновни и самите новинари, Селмани одговори дека бил критикуван кога се залагал да не се дистанцираат вистинските новинари, од оние кои со својата работа ја навредуваат професијата.

„Не треба да се дистанцираме, тие самите ќе се дистанцираат од нас, новинарите. И последниот пример кога јас бев навредуван во едно интервју, кое со заканувачот го водел колега, најдобро покажува дека таквите луѓе, едноставно не се дел од новинарската професија, бидејќи го изгубиле кредибилитетот. Македонската јавност веќе не ги препознава како новинари“, убеден е Селмани.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG