Линкови за пристапност

Јанева во вторник на распит во Обвинителство за случајот „Рекет“


Дел од обвинителите влегоа во СЈО во отворен судир со Јанева откако таа дала наредба да се врши претрес на вработените при влез и излез во Обвинителството.

СКОПЈЕ - Вторник, 10 часот - е терминот кога шефот на СЈО, Катица Јанева, треба да се појави на долгоочекуваниот на распит кај Вилма Рускоска во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“. Од обвинителството потврдија дека распитот е закажан, но не прецизираа во кое својство Јанева е повикана, дали како сведок или како осомничен.

По распитот, јавноста очекува Обвинителството да даде одговори за неколку клучни прашања како што се форматирањето на мобилниот телефон пријавен како изгубен, „праксата“ да разговара со осомничени и обвинети во истрагите на СЈО, неразбирливите за многумина потези во истрагата „Имеприја“, тврдењата на колегите од СЈО дека инситирала да нема затворски казни за некои осомничени, барањето да се избришат податоците во службените компјутери во СЈО, блискоска со првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски „Боки 13“ и секако нејзиниот глас на аудио снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“. Јавноста, експертите и највисоките државни инстанци као претседателот Пендаровски и премиерот Заев очекуваат по распитот Обвинителството кое го раководи Рускоска да заземе конечен став околу натамошниот стаус на Јанева во случајот „Рекет“.

Во меѓувреме, продолжува судирот на Јанева со обвинителите во СЈО и дистанцирањето од неа. Според последните информации, таа наредила сите обвинители да се претресуваат при влез и излез од зградата на СЈО.

„Кога се вратив од пауза, полицаецот ме сопре и ми кажа дека мора да ми ја претресе торбата бидејќи таква наредба е дадена од обвинителката Јанева. .. Се налутив и сочно опцув. Тргнав во нејзината канцеларија за да видам зошто како обвинители кои четири години се бориме за СЈО, сега, по нејзина наредба, треба да бидеме претресувани. Таа беше излезена. Ако сака нека ме отпушти или разреши, но не може да ме третира како криминалец“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи за „Телма“.

Деновиве во Обвинителството за гонење на организиран криминал е многу раздвижено. Рускоска се врати од одмор и почнаа распитите на обвинителите од СЈО. Денеска на распит, во својство на сведок, таму се појави обвинителот од СЈО Бури Рустеми, кој го води случајот „Поштенска банка“. Вчера беше повикана шефицата на кабинетот на Јанева, а претходно сведочеше обвинителката Лиле Стафнова, која во својство на сведок дури пет часа даваше исказ. Прва на распит беше повикана заменичката на Јанева, обвинителката Елизабета Јосифовска.

Од Обвинителството засега нема официјални најави за проширување на истрагата во случајот „Рекет“ со нови осомничени. Оттаму велат дека сеуште се прибираат докази и дека продолжува финансиската истрага како и вештачењето и декриптирањето на одземените телефони и компјутери.

XS
SM
MD
LG