Линкови за пристапност

Турската амбасадорка обвини училиште за тероризам


„Дојдете, да се бориме против оваа терористичка организација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, им порачала турската амбасадорка во Македонија, Тулин Еркал Кара, на родителите на учениците во приватните училишта „Јахја Кемал“ низ Македонија

„Ајде да се бориме против оваа терористичка организација“, изјавила турската амбасадорка во Македонија, Тулин Еркал Кара, посочувајќи ги приватните училишта „Јахја Кемал“. На промоција на Фондацијата „Маариф“ во Тетово, амбасадорката апелирала до родителите во Македонија и до македонската јавност: „... дојдете, сите заедно, нашите деца да ги регистрираме во училиштата на Фондацијата „Маариф“ . Доколку ние како родители не сакаме нашите деца во иднина да бидат терористи, треба да ги насочиме во училиштата на ‘Маариф’, бидејќи ‘Јахја Кемал’ не нè претставува нас. Дојдете, да се бориме против оваа терористичка организација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, изјавила според медиумите, амбасадорката Кара.

Во синџирот образовни установи под брендот „Јахја Кемал“ се градинка, основно и две средни училишта во Скопје, основно и средно училиште во Струга и Тетово и средни училишта во Гостивар и во Струмица, во кои наставата се одвива на англиски, македонски, турски и албански јазик. Сите нивоа на образовни установи од брендот „Јахја Кемал“, со години се ценети во сферата на приватното образование во Македонија, и изјавата на амбасадорката предизвика реакции и на училиштата и на дел од родителите на социјалните мрежи кои ја обвинија дипломатката и за јазик на омраза..

Портпаролот на „Јахја Кемал“, Сурија Таук изјави за Гласот на Америка на македонски јазик потенцираше дека сите нивни образовни установи „произведуваат научници, а не терористи“.

„’Јахја Кемал’ е сто проценти македонски бренд, и нема вистина ни во обвинувањата дека не сме ја промовирале доволно Турција. А секако не се точни обвинувањата за наводен тероризам! Нашите ученици секоја година освојуваат награди на меѓународни натпревари во разни дисциплини, и со дипломите од ‘Јахја Кемал’ и со освоените меѓународни признанија, од нашите училишта заминуваат на врвни светски универзитети“, ни изјави Таук. „Ако амбасадорката има докази нека ги приложи на надлежните институции, па потоа, судот нека утврдува кој е терорист“, ни рече Таук.

Поранешни ученици на „Јахја Кемал“ денес се студенти на додипломски или на магистерски и докторски студии на врвни универзитети во САД, Англија, Германија и во други западни земји.

Само во периодот 2013-2016, учениците од деветте училишта „Јахја Кемал“ во Македонија, на разни меѓународни натпревари освоиле 142 награди/медали (20 златни, 45 сребрени, 55 бронзени и 24 пофалници). По сите тие успеси, од „Јахја Кемал“ во 2016 најавија дека веќе нема да даваат изјави по повод признанијата од странство, туку ќе остават - за нив и за учениците „да зборуваат нивните дострели“. А, само во следната, 2017 година, се дуплираа дотогаш освоените награди на дури - 228 (53 златни, 118 сребрени, 42 бронзени и 15 пофалници).

Дента кога амбасадорката изнесе тешки обвиненија против „Јахја Кемал“, стигна и веста од Кембриџ, дека 11 ученици на овие училишта од Струга и Струмица, на натпреварот за интелектуални предизвици на тема „Неуспех: пат кон успех“, на кој индивидуално и тимски учествувале 963 ученици од 28 земји, на возраст од 14 до 18 години, освоиле - 18 златни, 6 сребрени, 6 бронзени медали и 8 пофалници.

Од Министерството за образование и наука во медиумите соопштија дека работата на сите училишта во Македонија е подложна на контрола, како и дека од турската амбасада не добиле официјално барање за истрага или за евентуално затворање на некое училиште. Медиумите објавија став на МОН дека „децата слободно може да се запишуваат во сите училишта кои имаат согласност за работа од Министерството и кои работат во согласност со законските одредби, а такво е училиштето ‘Јахја Кемал’“.

Дебатата околу „Јахја Кемал“ почна пред по изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ова училиште го доведе во врска со движењето ФЕТО на Фетула Ѓулен. Во февруари 2017, само три месеци по назначувањето, во интервју за турската агенција „Анадолија“, амбасадорката во Македонија, Тулин Еркал Кара најави дека по формирањето на новата македонска Влада ќе ја интензивираат меѓусебната соработка во борбата против ФЕТО во Македонија: „Ќе застанеме покрај секој што ќе ѝ се спротивстави на структурата на ФЕТО… Во Македонија има седум училишта, весник и трговски организации под името ‘Заман’. Покрај тоа, има и голем број многу важни турски компании и институции во коишто се инфилтрирале на ист начин, како што тоа го направиле и во Турција...“

Според амбасадорката, „информациите што луѓето ги поседуваат, информациите што ги имаат Македонците, не се толку јасни и очигледни како оние што ги имаме ние...“. Во интервјуто таа потенцира и дека ФЕТО има училишта во 115 земји. За спорните училишта во Македонија амбасадорката посочува дека Турција не бара нивно затворање, туку преземање од македонската Влада, „за подоцна да бидат префрлени под надлежност на Фондацијата ‘Маариф’“.

Потенцирајќи дека Турција е една од првите земји што ја признаа независноста на Република Македонија, амбасадорката Кара, тогаш изјави за ФЕТО и дека „јас, како Тулин Еркал Кара, до мојот последен здив ќе се борам против оваа структура“.

XS
SM
MD
LG