Министерот за надворешни работи на Германија Зигмар Габриел порача политичките актери во Македонија да постапуваат одговорно, бидејќи заострувањето на политичката ситуација е загрижувачко, соопшти Германската амбасада во Скопје.
Во изјавата, која Габриел ја дал при неговата посета на Украина, се вели:
„Внатрешната политичка стагнација претставува закана за земјата, уште повеќе да ја оттргне од патот на доближување кон Европската унија. Претседателот Иванов го лишува досегашниот лидер на опозицијата од мандатот за формирање влада, иако тој го обезбеди парламентарното мнозинство зад себе. Тоа е спротивно на демократските принципи и европските вредности, на кои земјата се обврза. Иванов би требало да ја преиспита оваа одлука и да ја коригира во интерес на граѓаните на својата земја“, се вели во соопштението од Амбасадата.
Во него се додава дека Германија стои зад јасните пораи на високата европска претставничка Федерика Могерини во Скопје.
Моето барање е насочено кон сите во Скопје кои носат политичка одговорност, и во актуелната вжештена внатреполитичка клима, да дејствуваат одговорно, да користат умерена реторика и да сторат сѐ за да не им наштетат на односите меѓу етничките групи“, стои во соопштението.
Могерини, пак, вчера во Скопје ги предупреди политичките лидери да ја омекнат реториката за да не ескалира ситуацијата.
Ова е комплексна земја, во комплексен регион и не ни е потребен оган“, рече Могерини.
Денес и лидерот на ДУИ Али Ахмети во Струга изјави дека одлуката на Иванов да не го додели мандатот за состав на нова влада на Зоран Заев ќе биде сериозно разгледана од партијата, но оти актуелната криза во државата треба да се спречи за да не се прошири.
„Сите политички сили треба да учествуваат со политички средства за да се делува и да се спречи кризата. Платформата претставува една изјава со која сега се шпекулира и се злоупотребува. Добро е да не се плаши јавноста, бидејќи се работи за изјава која произлегува од платофрмите на политичките партии, и нема ништо надвор од Уставот. Се разговара со сите политички партии за решавање на состојбата. Не треба ова да претставува некој вид на поделба на политичкиот електорат“, рече Ахмети.
Текстот е подготвен со контрибуција на дописникот на Гласот на Америка од Охрид, Мики Трајковски