Линкови за пристапност

35 новороденчиња починале на Гинекологија во последните три месеци


Министерството за здравство соопшти дека починатите новороденчиња биле предвреме родени со мали шанси да преживеат. Смртноста на новороденчињата е намалена за само 2,6 отсто во споредба со минатата година. Македонија е втора во Европа по смртност на новороденчиња.

СКОПЈЕ - Триесет и пет новороденчиња починале на Клиниката за Гинекологија и акушерство (ГАК) во последните три месеци. Оваа загрижувачка бројка ја потврдија и од Клиниката и од Министерството за здравство. Црната статистика во Македонија продолжува, а секоја година околу 200 новороденчиња ја губат битката уште во првиот месец по раѓањето.

Според официјалните информации на надлежните, ГАК и министерството за здравство, во првиот квартал од годината, родени се вкупно 1.155 бебиња а 144, односно секое десетто, било згрижено на одделот за интензивна нега. Од нив 35 починале а како причина се наведени предвременото раѓање, неразвиените органи и сепса.

„Точно е дека во првите три месеци од 2018 година на клиниката починале 35 бебиња. Најчестите причини за зголемената смртност се недозреани бели дробови и сепса. Факт е дека смртноста мора да се намали. Досега се преземени мерки, но потребни се уште многу работи да се променат за да се намалат црните статистики“ изјави Викторија Јовановска, директор на ГАК.

Од министерството за здравство соопштија дека починатите спаѓаат во категоријата предвремено родени бебиња, дополнувајќи дека 34 од бебињата биле родени од 22 до 36 гестациска недела и со мала шанса за преживување, а 27 од нив биле со неразвиени органи и ниска родилна тежина.

„Само едно од починатите бебиња е родено во соодветниот термин, но со медицинска аномалија на органите, која е во рамките на неможност да се исправи. Според статистиката, околу 80 отсто од бебињата починале поради екстремно неразвиени органи и поради исклучително ниска родилна тежина. Исто така информираме дека трендот на смртност на предвреме родени бебиња бележи пад во 2016 во првите три месеци од годината починале 38 предвреме родени бебиња, додека лани 41 бебе“, стои во соопштението на министерството.

Оттаму се пожалија на лошата состојба која била затекната во сите родилишта во државата при смената на власта потенцирајќи дека таа не може да се смени за само неколку месеци.

Клиниката за Гинекологија која е најголемо родилиште во државата и каде се примаат најтешките случаи, покрај низата скандали, се соочуваше и со сериозни проблеми во работата поради блокирана сметка за долг од 600 илјади евра кои по судски пат ги добија неколку семејства поради ненавремени и погрешни дијагнози заради кои нивните деца останале трајни инвалиди. Фондот за здравство (ФЗО) минатата недела одлучи да додели аванс на ГАК во висина на долгот за да може да се деблокира сметката.

Според официјалните статистички податоци, стапката на смртност кај новороденчињата во однос на минатата година е намалена за минорни 2,6 отсто. Од 2016 година во Македонија годишно умираат околу 200 новороденчиња а пред два месеци министерството за здравство најави итни мерки за да се спречи оваа појава.

„Владата набави 16 инкубатори за зајакнување на интензивната нега на Клиниката за гинекологија и акушерство. Министерот за здравство, д-р Венко Филипче дефинираше краткорочни и долгорочни мерки за намалување на смртноста на доенчињата и родилките, а ревидирани се и болничките упатства за нега на штотуку родените бебиња“, соопштија тогаш од министерството.

Министерот Филипче пак најави дека ќе се организираат обуки за ефикасна грижа на новороденчињата како и вработување на лекари кои се на крај со својата специјализација или кои веќе специјализирале во областа на педијатрија.

Во февруари годинава, УНИЦЕФ во рамките на кампањата „За секое дете живот“ објави извештај за смртност на новороденчиња според кој во Македонија едно од 120 ја губи битката за живот во првиот месец по раѓањето. Според статистичките податоци на УНИЦЕФ Македонија е на врвот во регионот по стапката на смртност кај новороденчињата, а втора во Европа, веднаш зад Молдавија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG