Од први јули во Северна Македонија стартува вакцинацијата со два нови типа на вакцина за стрептокока пневмонија и за рота вирус. Ќе бидат поделени вкупно 90 илјади дози од двата вида вакцини чија што главна цел е да се заштити најмладата популација која е и најизложена на удар од нив.
Пневмококните инфекции се чести во детската возраст, посебно кај оние деца кои одат во градинка и затоа се препорачува со неа да се заштитат децата до пет годишна возраст. Со вакцинацијата се намалува и можноста за пренос на вируси.
„Претходно прележана пневмококна инфекција не значи заштита од идни пневмококни болести. Вакцината е најдобар начин детето да се заштити и со неа се спречува развој на симптоми на заболувањето како: дијареја, повраќање, стомачна болка и дехидратација и се намалува потребата од престој во болница. Со вакцината се заштитени најголем процент од децата кои ја примиле“, објаснуваат здравствените работници.
Пневмококната вакцина штити од повеќето типови на пневмокок, кои се поврзуваат со тешки инфекции кај децата. Детето може да прими од една до четири дози, објаснуваат од Министерството за здравство и додаваат:
„Вакцината за рота вирус се дава на возраст од 2, 4 и 6 месеци и со неа се вакцинираат само новороденчиња. Имунизирањето се спроведува со давање на три дози“, велат од министерството.
Станува збор за чести воспаленија кои можат да се манифестираат и сo потешка клиничка слика вели Јованка Коровешоска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Охрид.
И двете вакцини ќе играат голема улога во заштитата од најрана возраст кај децата. На пример рота вирусот е чест причинител за појавата на т.н. инфекција ентеро колити. Во градинките таа често се пренесува преку , играчки, рачки, седишта и друго. Со примањето на овие вакцини истите нема да се јавуваат во толку голема мера како до сега. Појавата на пнеумониите односно воспаленијата на белите дробови е резултат исто така на пнеумококната инфекција“, вели Коровешоска.
Коровешоска додава дека со нив и со постоечките кои веќе се дел од системот на имунизација во земјава, сите присутни болести ќе бидат превенирани, а имунизацијата целосно комплетна.
Лекарот Ментор Ибраими од центарот за вакцинација во Струга вели дека бил зголемен интересот кај родителите за вакцинирање на своите деца.
„Заштитата на нашите најмали е многу важен процес и имунизацијата е многу важна во тој контекст. Со уредна покана веќе ги известуваме родители. При нивното доаѓање кај нас тие ќе бидат информирани и за важноста и позитивните ефекти од нивно вакцинирање. Со вакцината против рота вирус децата ќе се заштитат дури од пет типа на инфекции“, вели Ибраими.
Од Министерството за здравство за Гласот на Америка информираат дека и двете вакцини ги воведуваат во календарот за имунизација и родителите кои сакаат да ги вакцинираат децата сега ќе може да го сторат тоа.
„Вакцините се исклучително квалитетни и проверени, од европски производител. Со редовна вакцинација ги заштитуваме нашите деца, најблиски и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет“, велат од Министерството за здравство за Гласот на Америка.
Од Светската здравствена организација велат дека вакцината против Streptococcus pneumoniae ги штити децата од тешки заболувања, како пневмонија, отитис и менингитис. Со воведување на вакцинацијата против Rotavirus децата според СЗО ќе бидат заштитени од тешка форма на дијареи, како и од компликациите предизвикани од нив.
Овие две вакцини пред повеќе од една деценија се воведени во најголем дел во европските држави, додека во САД се воведени во 2000 година.
Facebook Forum