Линкови за пристапност

Македонија слави 109 години од Илинденското востание и 68 години од АСНОМ


Претседателот Иванов повика на обединување околу релизацијата на стратешките цели - членство во ЕУ и НАТО.

Македонија денеска одбележува 109 години од Илинденското востание и 68 години од заседанието на АСНОМ.

„Идеалите на илинденците и на асномците се дел од нашето секојдневие и дел од визијата за нашата иднина, просперитетна Република Македонија, држава на рамноправни граѓани. Затоа со полно право денес имаме причина за славје и гордост“, порача претседателот Ѓорѓе Иванов во честитката упатена до граѓаните по повод Илинден. Оваа прилика претседателот ја искористи да повика на единство и обединување околу реализацијата на стратешките цели.

„Драги сограѓани, пред нас стојат нови искушенија и предизвици. Обединети и сложни да продолжиме посветено да работиме на изградба на модерно, просперитетно и европско општество“,се вели во честитката на претседателот Иванов.

Премиетот Никола Груевски празникот го искористи за да оддаде почит пред спомениците на Даме Груев и Методиј Андонов -Ченто во центарот на Скопје.

„Ченто беше голем борец, жестоко се залагаше за илинденските идеали, заврши во затвор една деценија, цел еден период го избришаа, забранија и името да му се спомнува. Сега можеме да кажеме Македонија е слободна, сами одлучуваме, не зависиме од ниедна балканска престолнина. Македонија оди напред, а ние ќе успееме како што успејаа илинденците. Премногу долго Македонија беше на маргините, премногу тапкаше во место.

Не може, а да не се запрашаме зашто 60 години не можевме да изградиме споменик на Ченто, изјави Груевски пред споменикот на Ченто кој е дел од проектот Скопје 2014.

Порака до граѓаните од меморијалнит центар на АСНОМ во Пелинце упати и претседателот на Собранието Трајко Вељановски.

„Денес наша задача е да ја внесеме Македонија во ЕУ и НАТО. Сплотеноста е патот. Обединето и сложни со силна љубов кон својата земја со патриотизмот со здрави вредности, изјави Трајко Вељановски.

Опозиционерите не учествуваа на одбележувањето на празникот. Тие соопштија дека ги продолжуваат нивните активности во рамки на акцијата Работно лето со цел, како што велат, да ги охрабрат граѓаните да ја отфрлат според нив недемократската власт во Македонија.

Двата историски настани се одбележуваат со народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце. На централното чествување во Крушево присуствува претседателот Ѓорге Иванов. Делегацијата положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што ќе се одржува голем народен собир.
XS
SM
MD
LG