Линкови за пристапност

Лавина реакции за илинденскиот говор на Иванов


Во медиумите и на социјалните мрежи жестоко се осудува и јазикот на омраза и грубото навредување на Албанците кои беа присутни на Мечкин Камен

„Ѓорге Иванов уште еднаш потврди дека е ист како неговиот ментор Никола Груевски, и оти продолжува да сее омраза и поделби меѓу граѓаните. На денот кога граѓаните на Македонија го слават славното минато на заедништво, меѓусебно разбирање почитување и борбата за слобода и демократија, Иванов во своето обраќање поттикнуваше меѓуетничка омраза“, се вели во реакцијата на СДСМ, на говорот на македонскиот претседател на Мечкин Камен, по повод 2-ри Август.

Владеачката партија посочува дека и со последниот настап, претседателот докажал дека не е достоен за функцијата што ја извршува.

„Иванов брутално ги погази вредностите што со себе ги носи овој голем ден, а се втемелени во Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ. Иванов продолжува да работи против интеграцијата во ЕУ и НАТО, и дејствува спротивно на националните и државни интереси. Никакво антидржавно однесување на Иванов нема да ја загрози македонската иднина. Граѓаните масовно ќе излезат на референдум, ќе го поддржат Договорот со Грција, ќе ја поддржат македонската иднина во ЕУ и НАТО“, сметаат во СДСМ.

По ова и бројните други реагирања и осуди во медиумите и на социјалните мрежи, Кабинетот на претседателот Иванов, кој вчера беше дециден дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател, постаро дури и од државата.

Тој рече дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа име и со тој идентитет, испраќајки контрареакција во која се огради и изрази жалење за инцидентот во Крушево.

Но, кабинетот на Иванов потенцира и дека инцидентот не бил предизвикан од пораките на претседателот и и препорача на Владата, таа да ги пронајде причините за таквата реакција на присутните кон владините претставници, како и да ја преземе одговорноста за поделеноста на народот и за ширењето на говор на омраза кон државните институции и кон неистомислениците.

„Претседателот на Република Македонија никогаш не поддржувал инциденти и говор на омраза. Жалиме што денеска владината делегација беше исвиркана на одбележувањето на празникот Илинден на Мечкин Камен во Крушево, но, сметаме дека тоа на ниту еден начин не беше предизвикано од пораките упатени од претседателот Иванов“, пишува во реакцијата на Кабинетот на Иванов.

„За да се живее живот во светлина потребна е пожртвуваност“, порача вчера Иванов, и додаде:

„Да се биде Македонец, не е само право, туку и обврска. Ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци. Затоа, ниту еден политичар нема мандат да тргува со името“, порача Иванов во говорот кој главно беше заснован на критика на Владата на Зоран Заев, и на обвинувања дека со Договорот со Грција „се брише идеалот на македонскиот народ да има своја држава и не се гарантира членството во ЕУ и НАТО. Нé убедуваат сами себе да се укинеме. Сакаат да извршиме историско и правно самоубиство“.

Потенцирајќи го прашањето „Што ни треба просперитетот, без идентитет”, Иванов беше дециден дека не го прифаќа Договорот со Грција, дека нема да го поколебаат „разните обиди за притисоци“ и дека „останува доследен на својот став“.

На вчерашното одбележување на Илинден, членови на навивачки групи, здруженија и на организации кои се претставуваат како патриотски, ги навредуваа Албанците со скандирања и песни, и фрлаа со пластични шишиња и други предмети по петтемина министри од официјалната делегација на Владата.

За разлика од претставниците на извршната власт и странските дипломати, претседателот Иванов беше пречекан со овации и се ракуваше со дел од присутните кои го скандираа неговото име.

Со став дека Илинден е ден на единство, а не на поделба, Владата ги осуди повиците за омраза и насилство кои се во судир со интересите на граѓаните на Република Македонија, и ги повика надлежните институции да ги истражат овие појави и да преземат соодветни мерки.

МВР денес соопшти дека на видео-снимките се идентификувани дел од лицата кои ширеа говор на омраза, и фрлаа со предмети кон странските дипломати и делегацијата на Владата во Крушево и дека уште утрово повеќемина се повикани на разговор, како и дека штом се идентификуваат и останатите учесници во инцидентот, по завршување на истрагата, полициските сознанија ќе бидат доставени до Обвинителството.

Неофицијално, ќе се истражува и постоењето на евентуален пропуст во безбедносните проценки за манифестацијата.

И од Mинистерството за одбрана соопштија дека на видео-снимките е препознаен професионален припадник на АРМ во првите редови на толпата, и дека е формирана Комисија за истражување на случајот и за покренување на постапка.

Но, реакција за инцидентот стигна и од албанската дипломатија, која остро ги осуди „употребата на јазикот на омраза и антиалбанските расистички извикувања“ на Мечкин Камен, со надеж дека „ваквите недолични однесувања ќе останат само изолиран случај“.

Се повикуваат одговорните институции да спроведат истрага против поттикнувачите на насилство и да ги изведат пред лицето на правдата, и се изразува верба „во вредностите на соживот, во хармонија и соработка меѓу нашите земји и нашите граѓани.

Иако претседателот Иванов во вчерашниот говор, на кој присуствуваа и заменик - помошникот државен секретар во Стејт Департментот на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер и американскиот амбасадор Џес Бејли, потенцираше дека тој е само „гласот на народот“, чии барања и одлуки се и негови барања и одлуки, неговите политички противници од СДСМ, го обвинија дека „разгорувал и поттикнувал меѓуверска и меѓунационална омраза“.

Според пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ, „додека целиот државен врв решително порача да тргнеме кон иднината, само Иванов повика да останеме заглавени во минатото на омраза, поделби, криминал и неказнивост. Говорот на Иванов беше срам за илинденците, срам за сите што се жртвувале за идејата за слободна, независна Република Македонија“.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски порача дека Иванов „повторно се обиде да ја врати Македонија во изолација, каде што ја доведоа заедно со неговиот политички ментор Никола Груевски. Ќе му порачам на Иванов да си ги прочита убаво, повторно, и Рацин и Прличев и сите кои денеска ги цитираше, кои никогаш како него не ширеле меѓунационална и меѓуверска омраза. Денеска Иванов повторно не успеа да се надмине во својата немоќ“.

А градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на социјалните мрежи напиша дека се надева оти Иванов ги слушна ’повиците’ на неговите следбеници на Мечкин Камен.

„Ако е таква ’неговата’ Македонија, тогаш, не. Благодарам. И ќе го заобиколувам. Тоа не е мојата, нашата, ако сакате и илинденската и асномска Македонија. Тоа е фашистичка Македонија. На тој пат, господине Иванов, одете сами. Со таа ’шака јад“ околу вас. А ние? Ние ’ладно’ ќе ве заобиколиме. И ќе ја исправиме Македонија на вистинскиот пат. На извесна и подобра, европска иднина“.

И градоначалникот на Крушево Томе Христоски се огради и го осуди говорот на омраза и им се извини на гостите на Мечкин Камен.

„Тоа што се случи денес, не е одлика ниту на илинденците во Илинденското востание кои се бореа за слобода, правда, еднаквост, ниту истото било пишано во Крушевскиот манифест, а најмалку тоа требаше да го направи човек кој е поставен на функција - претседател на Македонија, кој треба да ги штити и застапува интересите на сите граѓани“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG