Линкови за пристапност

Кризите не го нарушија соживотот


Со различни пораки од надлежните се одбележа денешната прослава на Илинден во Крушево, на која не присуствуваше ВМРО-ДПМНЕ

Официјалната посета на бугарската делегација, на чело со премиерот Бојко Борисов, заврши со историско прво заедничко чествување на националниот празник на Македонија – Илинден, во црквата „Свети Спас“, во Скопје.

Двајцата премиери положија цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

„Патот за Македонија конечно е отворен. Бидете горди за овој успех, кој не е на еден човек. Застанавме заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и други. Успехот не е на една група или политичка партија. Паѓавме и се кревавме заедно. Успехот е заеднички, на сите, без разлика на вера, етничка припадност, пол или убедување. Успехот е на оваа наша Македонија“, изјави премиерот Зоран Заев на одбележувањето на 114-годишнината од Илинденското востание, и на 73-годишнината од Првото заседание на АСНОМ.

Заев се осврна и на првото заедничко чествување на националниот празник на Македонија, во присуство на високата бугарска државна делегација, како и за значењето на тој настан за Македонија и за регионот

„Подадовме раце, не само внатре, туку и надвор. Заедно сме со нашите соседи и пријатели, официјалните претставници на граѓаните на Република Бугарија, премиерот Борисов и дел од Владата и Парламентот на Бугарија, кои ја покажуваат истата одговорност кон заедничките цели. Заедно ја испраќаме пораката дека регионот е подготвен да води политики на зрелост, мудрост и посветеност кон своите граѓани. Регионот се однесува европски, и заслужува да ја добие шансата да се развива во европското и евроатлантското семејство“, рече Заев.

Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје, повика на сплотување на државата во однос на националните и државните интереси, особено на патот кон ЕУ и НАТО, кој, според него, е исполнет со уцени кон Македонија, неправди и оспорување на правото на самоидентификација

„Ако денес, Кузман Косифовски Питу и Ченто ја погледнат нашата татковина, тие сигурно би биле среќни, но, истовремено би биле и огорчени што сè уште ни се оспорува слободата за самоидентификација и идентитет. Денес и Македонија и Балканот се слободни од надворешните окупатори, но, ниту Македонија, ниту Балканот, не се целосно слободни, додека не бидат интегрирани во европското семејство“, рече Иванов.

Во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, на свеченоста по повод Првото заседание на АСНОМ се обратил заменик-премиерот Кочо Анѓушев.

Централното одбележување на Денот на Републиката, 2-ри август, и државните почести по повод годишнината од Илинденското востание, се одржаа на Мечкин Камен во Крушево, каде, откако делегација на Собранието, положи свежо цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев, пред присутните се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери.

„Некој ќе рече дека од историјата не се живее, и тоа е точно. Но, историјата ја детерминира сегашноста. Токму таа историска детерминација, била мотивација и завет на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите и многу други, кои се избориле за својата слобода. Константата, која е втемелена во Крушевскиот манифест за мултикултурниот дел, е и во Уставот на Македонија. Ние поминавме низ премрежија и кризи, а важно е дека истите не го нарушија соживотот. Ние имаме една заедничка татковина, и сме одговорни да ја зачуваме за нас и за идните поколенија“, порача Џафери од Крушево.

Делегација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера положи цвеќе на Мечкин Камен во Крушево, и ги повикаа членството и симпатизерите да не бидат присутни на денешната централна прослава на националниот празник Илинден, поради стравување дека се можни инциденти

„Денеска дојдовме да положиме цвеќе пред споменикот на паднатите херои на Мечкин Камен. Тоа го правиме денес од две причини: прво, затоа што сметаме дека овој Илинден е премногу важен, за на истиот да дадеме легитимитет на нелегално избрани функционери. Второ, затоа што имаме огромна чест, како партија која што ги полага своите корени на историското ВМРО, како современа генерација да им одадеме почит на паднатите жртви за Крушевската република“, изјави вчера Антонио Милошоски.

Тој ги повика сите членови на ВМРО-ДПМНЕ, симпатизери и граѓани, да се воздржат од давање легитимитет на прослави, организирани од Владата на СДСМ и на ДУИ.

„Затоа што цениме дека е можно со такви одлуки, кои го иритираат народот, како одлуката на господинот Џафери да се обрати тука, на Мечкин Камен, да се создадат некои услови, или некој да смислил некои намерни инциденти, кои можат да ја нарушат честа и достоинството на Илинден“, рече Милошоски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG