Линкови за пристапност

Одбележување на 75-годишнината од Холокаустот на македонските Евреи


По заедничкото положување на свежо цвеќе на споменикот на 7.144 македонски Евреи, обраќања ќе имаат премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов

Под покровителство на премиерот Зоран Заев, а во организација на Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, со дводневна комеморативна програма, во недела и понеделник со низа настани во Скопје, Штип и Битола, во Македонија се одбележува 75-годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Втората светска војна.

Учесник во комеморативната програма во понеделник во Скопје ќе биде и гостинот, премиерот на Бугарија Бојко Борисов, прв бугарски премиер кој ќе им одаде почит на македонските Евреи.

За време на Втората светска војна, властите во Бугарија и покрај барањето на германските фашисти да бидат транспортирани во логорите на смртта, успеале да не ги депортираат бугарските Евреи. Според бугарската агенција БТА, премиерот Бојко Борисов синоќа, присуствувал на церемонијата во централната софиска синагога, „по повод 75-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи во Втората светска војна, каде од претседателите на Светскиот еврејски конгрес и на Организацијата на Евреите во Бугарија, на Борисов му е врачено и признание за неговите заложби за борбата со антисемитизмот и за сочувувањето на спомените за Холокаустот во Бугарија“

Но, во 1943 година, бугарските окупаторски власти во Македонија, по наредба на германските фашисти, ги депортираат сите 7.114 македонски Eвреи во логорот на смртта Треблинка во Полска. Собирањето на Евреите од повеќе градови низ Македонија започнало ноќта меѓу 10 и 1. март 1943, Евреите од Скопје, Битола и Штип, биле доведени во зградата на Монополот во Скопје, од каде за една недела, од 22 март до 29 март биле депортирани во Треблинка, од каде никој не се вратил.

Токму затоа, изутрина од Музејот на Град Скопје тргнува симболичниот „Марш на живите“, кој ќе заврши во објектот на тогашниот Монопол. Според официјалната најава, таму цвеќе на споменикот на 7.144 македонски Евреи ќе положат и обраќања ќе имаат - премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов и претседателката на Еврејската заедница во Македонија, г-ѓа. Берта Романо Николиќ.

Од Монополот, делегациите ќе се упатат кон Собранието на Република Македонија, каде е предвидена да започне комеморативна седница. Во пресрет на дводневната комеморативна програма, на 5 март годинава, Собранието на Република Македонија ја усвои Декларацијата посветена на 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија, а на 6 март, Владата ја усвои работната дефиниција на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот за борба против антисемитизам.

Освен приемот кај градоначалничката, во недела во Битола беше положено свежо цвеќе пред споменикот на депортираните Eвреи од Битола и споменикот на народниот херој Естреја Овадија – Мара, во присуство на делегација на Владата, со организирање, исто така, на симболичен „Марш на живите“.

На еврејските гробишта во градот се одржа молитва (кадиш) и отворање на „Ерусалимската патека“, а беше отворена и изложбата „Дипломати праведници помеѓу народите“ во Музејот на град Битола. Покрај комеморативните свечености, под покровителство на МНР на Израел и Министерството за информатичко општество и администрација на Македонија, во соработка со битолскиот Факултет за информатички и комуникациски технологии, во недела и во понеделник во Битола се одржува и хакатон натпревар „Биталон“ – чија цел е на иновативен начин, со информатички алатки, преку Еврејските гробишта и „Паркот на живите“, да се раскаже и оживее, приказната за битолските Евреи.

И во Штип, освен приемот кај градоначалникот, беше положено свежо цвеќе пред споменикoт на депортираните Евреи од Штип, и на еврејските гробишта, со присуство на делегација на Владата. Свежо цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и споменикот на паднатите борци во Народно ослободителната борба (НОБ), од владина делегација беше положено и во Скопје.

Во недела навечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржува комеморативна вечер со концерт од отворен тип, на која, според најавите, ќе се обратат претседателот Ѓорѓе Иванов, заменик министерот за одбрана на Израел Ели Бен Дахан, претставникот на Американскиот еврејски комитет и претставник на ОБСЕ, претседавачот за борба против антисемитизам, рабинот Ендру Бејкер, и претседателката на Еврејската заедница во Македонија, Берта Романо Николиќ.

XS
SM
MD
LG