Линкови за пристапност

Учениците бараат прекинување на експериментите со нивната иднина

Илјадници средношколци денес протестираа против, како што тврдат, лошите реформи

По дванесетдневен бојкот на наставата - период во којшто ресорниот министер за образование и наука Абдилаќим Адеми не ги прифати нивните барања за разговор - голем дел од 20.000 македонски средношколци коишто учествуваат во бојкотот во училиштата во македонските градови денес излегоа на третиот по ред протестен марш на улиците на Скопје, но и на улиците во Охрид, а поддршка им испратија врсниците од Битола и Струмица.

Средношколците по трети пат маршираа против, како што наведуваат, „лошите реформи во образованието“, барајќи полагање на државна матура според стариот концепт и шестмесечно ставање во мирување на законот за екстерното тестирање. Тие најавија дека бојкотот ќе продолжи се` додека не им се исполнат барањата.

Учениците од сите средни училишта, од сите националности, коишто за маршот добија официјална поддршка од Студентскиот, Наставничкиот и од Професорскиот пленум, овој пат маршираа на релација Градски парк - Влада (каде им се придружија студентите) - Министерство за образование и наука. Поддршка на средношколците им дадоа бројни македонски јавни личности, а на протестите им се придружи и Унијата на студентите Албанци од Македонија којашто апелираше до своите членови да го поддржат протестот. Членови на Студентскиот пленум на средношколците денес им донесоа и факел, како своевиден симбол на заедништвото или братството.

Со транспаренти, меѓу кои беа „Средношколец не е еднакво на бел глушец“, „Министре, од нас ли се плашите?“, „Верувајте им на младите, тие се креатори на иднината“, „Не ни го уништувајте образованието“, со свирчиња, и со слогани како „Заедно сме посилни!“, „Сега ќе не слушнте!“ и „Доста беше молк!“, средношколците мирно протестираа, со организирана редарска служба и следени и од дел од професорите и родителите и од бројни новинарски екипи.

Пред зградата на Министерството за образование и наука, неколкумина средношколци и студенти одржаа инспиративни говори, порачувајќи им на политичарите дека се без визија, дека со погрешните одлуки „ги бркаат од сопствената земја“ и дека мора да научат да го слушнат гласот на „иднината на Македонија“.

До моментот на објавување на овој извештај, од ресорното министерство немаше реакција на протестот.

This item is part of
XS
SM
MD
LG