Глас на Америка: Армен, сопственик сте на ИТ компанија во Швајцарија, и на иста таква компанија и во Македонија. Но, она што е интересно во овој период на ширење на пандемијата на коронавирусот, направивте една платформа насловена како „Македонија помага“. Дали можете да ни кажете за што станува збор и која е нејзината главна цел?
Лутишоски : Ние со тимот во Скопје, бидејќи на почетокот бевме погодени од ситуацијата, па проекти беа дури и откажани, гледавме како можеме најефикасно да го искористиме времето, и што би можеле ние да направиме за да помогнеме во ситуацијата.Чувствувавме и општествена одговорност, и така се одлучивме да направиме платформа, која ќе овозможи најранливите категории и тие кои што не можат да сметаат на семејствата или пријателите да можат полесно да дојдат до помош, да побараат помош, но и да овозможиме тие што сакаат да помогнат, а кои се здрави и млади, и не се во ризичните групи, да можат да ја понудат својата помош, како купување или други услуги.
Глас на Америка: Како сето ова ќе функционира и каква ќе биде конекцијата помеѓу оние кои имаат потреба од помош, и оние кои ќе можат да помогнат или кои ќе сакаат да донираат во една ваква ситуација?
Лутишоски : Конекцијата е многу лесна. Ние се потрудивме да направиме нешто што е едноставно и што секој би го разбрал. Можноста да се волонтира е со една регистрација, која се прави преку Фејсбук или Гугл. Тоа е многу едноставно. Со директно кликање и прифаќање на правилата веќе се пристапува во тоа, се селектира локацијата во која сака да реагира и во која локација сака да се понуди помош. Потоа тие кои бараат помош можат без регистрација директно на страната да селектираат, преку локацијата во која што се услугите, да ги најдат волонтерите. Гледаме дека интересот е многу голем. Има многу пристапи на платформата. Имаме дневно од 800 до 1.000 посетители на страната со тенденција да оди нагоре.
Глас на Америка : Од раното детство живеете и работите во Швајцарија. Кои се твоите планови, дали можеби твојата иднина ја гледате овде во Македонија?
Лутишоски : Интересно прашање. Јас не одлучив да дојдам во Швајцарија. Јас имав само четири години кога моите заминале, пред се` од економски причини. Јас сум овде образован. Завршив факултет и тука го изградив мојот бизнис. Но, Македонија секогаш ми беше мила и затоа се одлучив да инвестирам во Македонија. Но, не ја исклучувам можноста да се вратам во Македонија. Засега и овде се чувствувам како дома..Јас сум и Македонец и Швајцарец.
Facebook Forum