Линкови за пристапност

Жештината ја внесе Македонија во „жолта фаза“


Температурата ќе се искачи и до 40 целзиусови степени

Избегнување на физичка активност и директна изложеност на сонце, носење на лесна и светла облека и конзумирање на лесна храна и течности. Ова се препораките од Министерството за здравство по најавите дека од среда Македонија влегува во тнр. „жолта фаза“ со температури до 40 целзиусови степени, со висок УВ индекс. Исто така, на терен ќе излезат мобилни лекарски екипи коишто во соработка со Црвениот крст во 33 градови секојдневно ќе вршат прегледи и ќе даваат совети за превенција од топлото време.

„Треба да се почитуваат препораките од лекарите бидејќи самозаштитата е најважна,“, вели Татјана Баевска Вучковиќ, директорка на Здравствениот дом Скопје.

Д-р Јованка Костовска, раководител на секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство на прес-конференција потврди дека последните колапси за време на летниот период од високи температури се кај млади лица. Според податоците на Здравствениот дом Скопје, изминативе два дена колабирале пет млади луѓе на возраст од 20 до 25 години, од кои двајца завршиле во Ургентниот центар. Вчера, Итната медицинска помош интервенирала во 109 случаи, и иако бројот од 80 до 120 интервенции лекарите го сметаат за вообичаен, сепак е зголемен бројот на повици од хроничните болни, луѓе со висок притисок, со кардиоваскуларни болести, срцеви болни и астматичари.

Костовска предупредува дека освен колабирање, високите температури предизвикуваат и други заболувања, како труење со храна. Таа апелираше за поголема лична хигиена, добро миење на овошјето и зеленчукот и одбегнување на лесно расиплива храна.

Топлотниот бран со себе ја носи и опасноста од пожари. Понеделникот, кумановските пожарникари седум часа се бореле со огнена стихија што зафатила нискостеблестата шума и трева од 20-тина хектари на регионалниот пат Куманово - Свети Николе. Според тамошната Територијална противпожарна единица ова е деветта интервенција од почетокот на овој месец.

XS
SM
MD
LG