ЗАГРЕБ - Избраниците на селекторот Раул Гонзалез, денеска за прв пат го почувствуваа амбиентот во загребската Арена, каде ќе се натпреваруваат во рамките на Европското ракометно првенство кое се одржува во Хрватска. Селекцијата предводена од капитенот Кире Лазаров денеска одржа лесен тренинг на паркетот во Арената, на кој се увежбуваа последните замисли на селекторот пред почетокот на натпреварувањето. Составот со 16 ракометари денеска и официјално беше објавен, но тактиката останува тајна.
Гонзалез или „Ел Команданте“, како што го викаат неговите играчи и домашната јавност, смета дека екипата е подготвена. Скромен и тивок како и секогаш, одмерен во изјавите без прогноза околу евентуалниот пласман.
„Ние сме подготвени, имаме доверба, сакаме да играме. Сега се фокусираме на натпреварот против Словенија и сигурен сум дека ќе играме добро“, изјави Гонзалез пред почетокот на денешниот тренинг.
Тој одлучи да ги сочува играчите и го одложи попладневниот тренинг. Последните подготовки ќе бидат преку „скаутинг“ на видео снимки од натпреварите на противниците.
Ние сме спремни, имаме доверба, сакаме да играме. Сега се фокусираме на натпреварот против Словенија и сигурен сум дека ќе играме доброРаул Гонзалез, селектор на македонската ракометна репрезентација
За капитенот Лазаров клучно е што играчите се здрави и не влечат повреди: „Имавме добри подготовки, изигравме два контролни меча во кои победивме. Многу е битно што здравствениот билтен е на наша страна. Сите играчи се во одлична форма, немаме повредени, а тоа може да се покаже како клучно бидејќи за разлика од останатите репрезентации ние немаме толку голем ростер на играчи“, вели Лазаров.
Атмосферата во репрезентацијата е на високо ниво. Играчите се полни со самодоверба. Сите велат дека го чекаат стартот на првенството, за да покажат колку можат и што знаат.
„Оваа селекција е спој на искуство и на млади и перспективни ракометари. Тие ја имаат нашата комплетна поддршка и се надевам дека ќе се покажат и ќе понесат голем дел од товарот во натпреварите“, додава Лазаров.
Македонската ракометна експедиција пристигна вчера во Загреб. Тие се сместени во хотелот Панорама, кој ќе биде нивна база наредните седум дена.
Загреб полека се подготвува за стартот на првенството, се поставуваат бини и штандови, но некоја поголема раздвиженост или еуфорија нема. Тоа се должи на фактот што Хрватска игра во Сплит, но и на навивачите кои вечерва почнуваат да пристигнуваат во поголеми бројки.
„Македонската фаланга“, како што се нарекуваат фановите на ракометната репрезентација, пристига утре наутро. Организирано со комбиња, автомобили и автобуси. Неколку стотини навивачи се најавени од Германија, Австрија и Швајцарија. Се очекува нашата репрезентација да ја бодрат над две илјади грла во загрепската Арена. Уште на првиот натпревар ќе имаат тешка задачи, бидејќи од спротивниот табор се најавени околу осум илјади словенски навивачи.
Македонската репрезентација првиот меч го игра утре во 19.30 часот против бронзените од Светското првенство, репрезентацијата на Словенија.
Во понеделник ќе биде мечот со Црна Гора, а во среда со репрезентацијата на Германија - актуелен европски шампион. Доколку извојуваме барем една победа, нашите ракометари го продолжуваат натпреварувањето во новоформираната група, а мечевите ќе ги играат во Вараждин.
Европското првенство почнува денес, а најмногу внимание ќе привлече мечот во Сплит, каде домаќинот Хрватска ќе се сретне со Србија.
Facebook Forum