Линкови за пристапност

Хан: Потребно е државништво, наместо тактизирање


Хан доаѓа во Скопје со силна порака
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00

Еврокомесарот за проширување се среќава со политичките лидери во обид да помогне Македонија да излезе од кризата

„Да се почитува демократијата и парламентарното мнозинство и да не се потпалуваат меѓуетнички тензии“ – со таа порака, пратена уште на пат за Скопје, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и европратеничката тројка Кукан-Вајгл-Флекенштајн го седнаа на маса политичкиот врв во земјата – Заев, Груевски, Ахмети, Касами, Села.

За време на состаноците со лидерите, Хан на својот Твитер профил, кажа дека итно е потребна нова про-реформска влада и, како што кажа, нема време за губење. „Потребно е државништво, наместо тактизирање“, напиша Хан, порака којашто се толкува дека е адресирана директно до Ѓорге Иванов. Македонскиот претседател го држи клучот за решавање на политичката криза преку доделување на мандатот за формирање влада на претставник на новото парламентарно мнозинство.

Тој денеска нема да се сретне со еврокомесарот Хан. Официјалното објаснување од кабинетот на шефот на државата е дека Иванов, кој беше во посета на Унгарија, доцна вечер се враќа во земјава и затоа нема да оствари средба со европската делегација. Дека претседателот воопшто немал намера да се види со Хан, уште во петокот му било соопштено на евроамбасадорот Жбогар.

„Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на нивната последната средба на 10-ти февруари 2017-та година и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат, без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана“ – стои во соопштението од кабинетот на Иванов.

Шефот на државата својот термин за состанок со Хан го отстапи за претставници од иницијативата „За заедничка Македонија“. Еврокомесарот за проширување, кој заедно со европратениците е дојден за да помогне да се реши политичкиот ќорсокак кој трае од изборите на 11-ти декември, денеска во Скопје освен политичари го пречекаа и демонстранти.

XS
SM
MD
LG