Линкови за пристапност

Груевски одби јавно да сведочи


Според премиерот во заминување, „вистинската Анкетна комисија ќе биде онаа на народот, на изборите на 24-ти април“

„Сведочевме на торпедирање на Анкетната комисија извршено од Никола Груевски кој одбра медиумите и јавноста да бидат исклучени од давањето изјави. Жално е што односот на Груевски е таков. Информациите не беа доверливи, не му требаше совршен мир за да одговара, а и да беа присутни медиумите, секако ќе го имаше, прашањата беа за содржините од прислушуваните материјали, но согласно Законот не би можел да давам изјави во јавноста, да можеше информациите да се објават, ќе излезеше добра хумористична серија. Очекувам бојкот и понатаму, јасно е дека нема интерес кај ВМРО-ДПМНЕ“, изјави претседателот на собраниската Анкетна комисија за сканадалот со „бомбите“, опозицискиот пратеник Петре Шилегов, по неколкучасовното сведочење на премиерот во заминување Груевски.

Иако пред долго очекуваното сведочење за објавените прислушувани материјали, кои ја продлабочија политичката криза во земјата, вети дека се` што не е од класифициран карактер ќе го објави во јавноста, Шилегов, сепак, подлегна на притисокот и ја затвори седницата за медиумите. Тој само изјави дека бил известен од членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ дека премиерот нема да влезе во салата се додека се новинарите во неа.

Шилегов потоа одби и да соопшти детали за сведочењето, потенцирајќи само дека информациите кои ги изнел Груевски, не биле од доверлив карактер. Секој член на Комисијата имал право на Груевски да му постави 3 прашања по 5 минути, а во толку минути и тој имал право да одговори.

Според пратеникот од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој не дозволил новинарски прашања, Груевски одговорил на многу прашања, но, како што кажа, почитувајќи го Деловникот, тој во јавноста нема да изнесува дополнителни информации. „Задоволни сме што претседателот на Владата имаше време да даде одговор на сите поставени прашања на членовите на Анкетната комисија и се надевам истите ќе ни послужат за изготвување на извештајот кој треба да биде готов до крајот на јануари“, изјави Милошоски.

И самиот Груевски потенцираше дека ја зборувал вистината „во очи“ - на опозицијата и дека одговарал совесно и одговорно: „Денес дојдов навремено во својство на сведок да одговорам на сите прашања, но немаа доволно прашања затоа што ги исцрпеа“

Според премиерот во заминување, „вистинската Анкетна комисија ќе биде онаа на народот на 24-ти април годинава“, кога, според Договорот во Пржино, ќе се одржат предвремените парламентарни избори. Груевски потврди дека Договорот од Пржино ќе биде испочитуван, и во поглед на неговото заминување од функцијата.

Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето е формирана согласно Договорот од Пржино, има 16 членови, од кои осуммина се од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ, двајца од ДУИ и по еден од ДПА и еден независен пратеник. Извештајот на Анкетната комисија за утврдување на политичка одговорност, е пролонгиран од ноември до 22-ри јануари, поради пробивањето на роковите на Договорот од Пржино.

Груевски почна со сведочењето по двочасовно пролонгирање, до кое според него дошло поради неговото барање за затворена седница на комисијата „за СДСМ да не ја користи приликата да создава конфликти и тензии“. Тој на два пати не им одговори на новинарите кои беа принудени да ја напуштат просторијата за тој да почне да сведочи, зошто беше против нивното присуствуво на седницата.

Претседателот на комисијата Шилегов, на прашањето какви биле одговорите на Груевски, одговори дека е „сериозен претседател на комисија“ и дека нема да одговори, „зашто тоа ќе предизвика хумор“, а дел од медиумите, шпекулираа, без наведување на извори од затворената седница, дека Груевски за дел од прашањата имал напишани одговори. А дека на дел од нив, одговарал со - „не знам“ и „до мене не допрела таква информација“.

Утре пред Анкетната комисија треба да сведочи поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, а задутре министерот за финансии Зоран Ставрески.

По сведочењето, излезе и соопштението на опозиционата СДСМ во кое се вели - „очигледно многу работи има за криење Никола Груевски од граѓаните, штом побара да сведочи тајно во Анкетната комисија за незаконското прислушување на над 20.000 граѓани“.

„Граѓаните знаат зошто Груевски се крие и бега од јавноста. Цели 10 години Груевски мислеше на бизнисите на фамилијата, на парцелите на Водно, на мерцедесот од 600 илјади евра, на тендрите за споменици вредни 630 милиони евра, додека граѓаните осиромашуваа. Но, јавноста ќе дозне се`. Од вистината нема бегање. Од одговорноста Никола Груевски не може да избега“, пишува во соопштението на СДСМ.

XS
SM
MD
LG