„Македонскиот народ одлучува за својата иднина!“, напиша македонскиот премиер Никола Груевски на Твитер, само половина час откако британскиот амбсадор Чарлс Гарет, пред Владата го обелодени соопштението на амбасадите на САД, Велика Британија, Франција, Германија и ЕУ, во кое беше акцентирана неговата одговорност како челник на извршната власт, за неисполнувањето на „Договорот од Пржино“.
Од посетата во Обединетите Арапски Емирати, Груевски испрати твит кој се надоврза на неговиот говор по повод Денот на ВМРО, минатиот петок, кога потенцираше дека „на изборите на 24. април, народот ќе каже кого поддржува и во кого има доверба. Нема да каже ниту некој странец, ниту некој со волшебен стап ќе ги реши нашите проблеми. Губење на препораката за членство во ЕУ народот нема да го доживее како нешто трагично. “
Иако дел од медиумите и тогаш ваквата изјава ја протолкуваа како „симнување на ракавиците“ во дипломатската конверзација, пренесувањето на неговиот говор и на англиски јазик на веб-страницата на Владата, и изјавата на неговиот Твитер профил, веднаш по изјавата на амбасадорите, предизвика и нови реакции.
Петар Шилегов, портпарол на опозициската СДСМ, за Гласот на Америка на македонски јазик изјави дека нема да го коментираат .настапот на дипломатите, зашто „со нивното соопштение се` било кажано“ за актуелната ситуација и за одговорноста за неуспехот на преговорите за излез од политичката криза.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, ни изјави дека твит- одговорот на Груевски на прозивката на дипломатите е проблематичен заради неколку причини.
„Прво, договорот од Пржино не го потпиша македонскиот народ, туку лидерите на четири политички партии и претставниците на САД и ЕУ. Второ, политичката криза во Македонија не ја предизвика македонскиот народ, туку политичките партии, а ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија има најголема одговорност за тоа. Трето, реформите во една земја не ги спроведува народот, туку Владата, на чие чело е Груевски. Ако тој не сака да спроведе реформи, нека си оди, во ВМРО-ДПМНЕ има доста луѓе коишто знаат да спроведат реформи. Четврто, Груевски многу милува да зборува за народот ама заборава да кажува за кој народ мисли. Македонски народ е широк поим“, смета Селмани.
Лидерот на ВМРО – Народна партија, и основач и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски изјави за Дојче Веле, дека по потпишувањето на Договорот од Пржино било многу направено и дека ќе биде навистина штета ако се дозволи тој да пропадне.
„Не смее да се дозволи Република Македонија да ја изгуби препораката за преговори со ЕУ, затоа што ќе ни бидат потребни 3 до 4 години за да ја вратиме назад. Во меѓувреме, ќе влеземе во тежок круг на изолација, а Македонија тоа тешко ќе го издржи и поради нејзиниот мултиетнички карактер и поради економската и политичката ситуација“, потенцираше Георгиевски.