Линкови за пристапност

Груевски доби мандат од Иванов за нова влада


Груевски доби мандат од Иванов за нова влада
Груевски доби мандат од Иванов за нова влада

Во рок од 20 дена треба да го достави составот и програмата до Собранието.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов му го врачи мандатот за состав на нова влада на водачот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, согласно победата на изборите на 5-ти јуни. Според законот, досегашниот премиер, како нов мандатар, во рок од 20 дена треба да го достави составот и програмата на новата влада до Собранието.

Груевски, кој трет пат добива мандат за составување влада, и најверојатно ќе биде шестиот премиер од прогласувањето на независноста на Македонија, по средбата со Иванов не даде изјава, ниту попрецизни информации за текот на преговорите за коалцијата со ДУИ.

Ниту Груевски, ниту победничката партија не ја коментираа изјавата на досегашниот вицепремиер Абдулаќим Адеми од ДУИ дека е договорена заедничка владина програма која ќе има писмени гаранции.

„Ова е првпат во плурална Македонија владината програма да биде заедничка и составена од изборните програми на двете партии - победнички на изборите“, изјави Адеми.

Според него, во заедничката платформа „ќе бидат сите теми и сите отворени прашања што досега не се затвориле и можеби ги нарушувале меѓусебните односи. Со затворање на сите теми, ние сакаме на Македонија да и` обезбедиме европска иднина, како и економски развој“.

Адеми тврди дека ДУИ во новата влада влегува со нови позиции кои ќе гарантираат дека партијата ќе има одговорност и дека не и` е цел само да биде дел од владата.

Според неофицијалните најави од победничките партии, нема да се чека крајниот законски предвиден рок. Со оглед дека веќе се одржа првата конститутивна седница на новиот парламент, на која едногласно беа верификувани мандатите на новите 123 пратеници, а Трајко Вељаноски беше повторно избран за претседател на Собранието, откако предлогот за состав на новата влада и програмата ќе му биде доставен во писмена форма, тој треба да ја закаже седницата за избор на владата во рок од 15 дена.

XS
SM
MD
LG