Македонија брза со барањето за екстрадиција на Никола Груевски. Во судот во тек е превод на обемниот материјал на унгарски јазик – задолжени се 10-тина преведувачи.Паралелно во Министерството за правда се подготвува и образложението што со судските списи ќе биде пратено во Будимпешта.
Очекувањата се дека во наредните денови барањето на Скопје за испорачување на бегалецот ќе стигне во Унгарија, чии институции имаат рокови во кои треба да одговорат.
Mинистерката за правда, Рената Дескоска вели:
„Факт е дека постапката не е брза, според сите процедури, се надевам дека претставниците на власта во Унгарија нема да ги користат максималните рокови се дадени во меѓународното право за екстрадиција, се надевам дека ќе постапуваат во согласност со меѓународните конвенции и за азил и за екстрадиција“.
Од кабинетот на унгарскиот премиер денеска појаснуваат дека барањето за политички азил Груевски не го поднел во унгарската амбасада во Скопје, туку во друга држава. Која – не објаснуваат соработниците на Виктор Орбан.
Шефот на македонската дипломатија телефонски разговарал со унгарскиот колега од кого побарал да се почитува принципот на владеење на правото. „Во случајот станува збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела.
Ја потенцирам важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип. Парадоксална е ситуацијата да се бара политички азил во земја членка на ЕУ, од страна на личност во чие време на владеење, земјата кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како „заробена држава“ и од страна на самата Европска комисија“ – му рекол Димитров на Сијарто. И правните експерти очекуваа Унгарија како дел од Унијата да ги почитува принципите на ЕУ:
„Многу е симптоматично прашањето како една членка на ЕУ, каде стандард е владеење на правото вклучувајќи и извршување на пресуда, може да се минимизира без да имаме основана претпоставка која во Унгарија ќе се докажува во делот на политички азил“ вели Маргарита Цаца Николовска
Во МВР кое не успеа навреме да го лоцира Груевски во тек е утврдување на евентуална одговорност, како и истрага дали екс-премиерот имал помошници.
Портпаролот на владата на Македонија Миле Бошњаковски изјави дека „Во МВР во тек е постапка за утврдување на начинот на кој Груевски ја напуштил земјата. Одделот за внатрешна контрола спроведува постапка за можна инволвираност на полициски службеници“.
Бугарија каде денеска престојува македонскиот премиер, на највисоко ниво, демантираше дека има поврзаност со случајот „Груевски“:
„Груевски ниту побарал, ниту Бугарија му издала пасош, тоа е 100 проценти лажна вест“ кажа бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Порталот „Политико“ пренесува дека американската администрација смета дека Груевски треба во Македонија да ја одлежи затворската казна. „Повеќе судови ја потврдија пресудата. Дополнително Г-динот Груевски е обвинет во уште 4 случаи. Веруваме дека е соодветно македонскиот правосуден систем да продолжи и Груевски да одговара пред македонската правда“.
Facebook Forum