Очекувањата на македонската страна се дека претстојната посета на шефот на грчката дипломатија, кој неделава доаѓа во Скопје, ќе придонесе за приближување на позициите на двете земји. Премиерот Заев е оптимист дека решение е можно и покрај тврдите ставови на Атина, дека договорот треба да опфаќа и уставни измени. Заев, како посакуван рок за решение, го посочи летото.
„Ова се следни чекори за приближување кон решавање на проблемот што Грција го има со нашето уставно име - верувам дека тоа е можно да се најде, оптимист сум ако водиме сметка за достоинтството и идентитетот. Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но секако да се приближиме зашто деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да го имаме решено овој проблем. Верувам дека тоа сака да го направи и грчката страна“, изјави премиерот на Македонија, Зоран Заев.
Се очекува Коѕијас кој, со авион ќе допатува од Атина во Скопје, да ја донесе грчката нацрт-верзија на спогодба меѓу двете земји за надминување на проблемот, која според некои информации е доста опсежна – содржи 20 страници текст. Но, што се` содржи грчкиот предлог ќе се види за неколку дена во Скопје. Паралелно, меѓународната заедница ги повторува повиците до двете страни да го искористат актуелниот момент и да го затворат прашањето.
„На крајот се зависи од двете страни. Знаеме дека двете земји сакаат да ги продолжат разговорите под покровителство на ОН, а ние како ЕУ имаме улога да го поддржуваме процесот, да ги охрабруваме да постигнат решение зашто и ние како и двете земји сега гледаме можност за постигнување договор“, рече амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.
Информациите дека веќе наредната седмица е можна нова преговарачка рунда Нимиц - Димитров - Коѕијас, денеска ја потврди и премиерот Заев. Како можен термин и локација за средбата се споменува 27-март во Виена. Засега, нема официјална потврда од канцеларијата на медијаторот Нимиц.
Facebook Forum