Линкови за пристапност

Налепница ги затегна македонско-грчките односи


Грција тврди - мерката не е ништо ново, Македонија врачи протестна нота.

Лепенката со ознаката ФИРОМ која грчките власти им ја издаваат на македонските граѓани при влез во Грција не е ништо ново, таа е дел од практичните мерки договорени и потпишани пред 17 години. Вака шефицата на грчката Канцеларија за врски во Скопје Александра Пападопулу ја објасни најновата мерка што властите почнаа да ја применуваат пред една седмица за возилата од Македонија кои имаат нови регистарски таблички, по европски терк, а на кои стои ознаката за државата МК.

„Издавањето на лепенките не е нешто што ние го спроведуваме унилатерално. Тоа е дел од практичните мерки договорени и потпишани од двете страни. Овие практични мерки предвидуваат грчките власти да стават лепенки на задното стакло од возилата на кои пишува Грција ја признава земјата како ФИРОМ. Ова не е нова пракса, таа се спроведува изминативе години за камионите кои ја имаат ознаката МК, но сега е проширена на приватните автомобили“, рече Пападопулу.

Иако најавена како прес-конференција, грчката дипломатка само прочита кусо соопштение и не им дозволи на новинарите да постават прашање, како на пример како овие одлуки ќе се одразат на расположението на илјадниците македонски туристи кои уште отсега, пред екот на сезоната, ги наполнија грчките туристички центри. За неа, движењето на луѓето од двете страни е најпозитивен аспект од нашите билатерални односи. Таа како „неосновани и бесправни“ ги оцени, како што ги нарече, провокациите дека лепенките напишани на грчки и англиски јазик треба да се лепат врз регистрацијата, појаснувајќи дека тие треба да стојат на задното стакло од автомобилот. Пападопулу исто така демантираше дека за нив ќе се наплаќа, како што шпекулираа некои медиуми - по 20 евра, истакнувајќи дека тие се бесплатни.

Кусо време по настапот на Пападопулу, Македонската информативна агенција јави дека Министерството за надворешни работи на Република Македонија и` врачило протестна нота на грчката претставничка во земјата поради случајот со налепниците. Повикувајќи се на извори во Министерството, МИА информираше дека тоа побарало Грција веднаш да прекине со лепењето на налепници, дека новите регистарски таблички се во согласност со стандардите на ЕУ и меѓународните норми, како и дека поведението на грчките погранични органи „е спротивно на Меморандумот за практични мерки од 1995 година кој се однесува на имплементацијата на Времената спогодба со кои се олеснува движењето на луѓе и стока“. Изворите за МИА појаснуваат дека „согласно Меморандумот, при влезот на приватни возила во Република Грција грчките органи може на задното или предното ветробранско стакло да залепат налепница не поголема од посебната ознака во употреба за меѓународниот транспорт (овални налепници меѓународно стандардизирани)“, но дека меморандумот “не предвидува мерки во однос на регистарските таблички“.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски претходно изјави дека Министерство веќе испратило реакција до Атина за оваа најнова пракса на граничните премини, на која пред десетина дена започнаа да реагираат македонските граѓани кои патуваат кон грчките туристички центри.

Со дипломатски речник, тој им се обрати на грчките власти да привлекуваат туристи, а не да провоцираат.

„На дневна база ја следиме ситуацијата. Постои меѓународна правна регулатива за сите прашања од практичен карактер. Оттука сметаме дека енергијата треба да биде фокусирана на делот на соработката, а не на делот на креирањето бесправни и неосновани провокации од типот лепење налепници. Во секој случај, таква практика врз регистарските таблички кои се целосно во согласност со меѓународно- правната рамка во никој случај нема позитивен одѕив. Во овој момент Грција има приоритетни прашања како привлекување дополнителен број туристи, наместо испраќање сигнали на недобредојденост. Сметаме дека тоа ќе доминира во носењето одлуки, тоа и го очекуваме“, изјави Попоски.

Агенциите во Македонија се едногласни дека и оваа година најголема е побарувачката за аранжманите за летување во Грција, главно, како што велат, поради центите што се слични на минатогодишните.
XS
SM
MD
LG