Линкови за пристапност

Колкави се шансите за спроведување на договореното меѓу владите на Заев и Ципрас?


Меѓународната заедница со честитки за храброста на лидерите, властите во Грција и во Македонија се еуфорични околу „историскиот договор“, но опозицијата во двете држави е децидно против договорот за надминување на деценискиот спор околу името. За ВМРО-ДПМНЕ договорот е “капитулација“, а за Нова демократија „вртење на грб на грчкиот народ“

„Заев го монополизираше процесот на преговорите. Не` стави пред свршен чин да коментираме капитулација“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со премиерот Заев, кој му го предаде договорот постигнат со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Мицковски најави дека откако договорот ќе го анализираат во партијата, „ќе повикаме и консултации со Македонската православна црква-ОА, Исламската верска заедница, Македонската академија на науките и уметностите“, зашто бараат „поширок дијапазон на мислења“.

Мицковски и вчера изјави дека Заев потпишал капитулација со договорот со Грција, го обвини премиерот за „тежок егзибиционизам на штета на сопствената држава“ и потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од својот став оти нема да поддржи уставни промени со цел промена на уставното име и дека и покрај срдечниот и насмеан лик на Заев, се работи за „пораз на Македонија“.

Колку е тензична атмосферата илустрира и фактот дека премиерот Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров имаа неуспешна неколкуминутна средба со претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој за попладнево најави обраќање на македонската јавност.

Според соопштението на Владата, се работело за нивен „конструктивен обид за презентација и за дискусија на содржината од договорот, но претседателот Иванов го прекина и напушти состанокот и одби да разговара за придобивките од овој историски договор за македонската иднина“. Иако Владата ги повика сите политички фактори да се обединат околу националните приоритети и да дадат поддршка за просперитетот на граѓаните и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ, тешко е да се поверува дека Иванов ќе го смени мислењето.

Но министерот Димитров е оптимист: „Во клучни времиња за државата, сите носиме историска одговорност. Дадовме се` од себе да создадеме можност граѓаните да добијат право на избор. Без разлика на политичката цена, подготвени сме да ја преземеме одговорноста. Никој нема право да го спречи тој избор. Никој нема право да одлучува во името на граѓаните. Ќе не биде... и покрај Иванов“.

Слични се реакциите и кај грчката опозиција. Лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис го обвини грчкиот премиер Ципрас за навреда на парламентарниот систем, со тврдење дека нема политички легитимитет и потенцираше дека „нема да ги поделиме Грците за да ги обединиме Скопјаните“.

Министерот за одбрана Панос Каменос, најпрви, иако најави дека ќе остане во Владата на Ципрас, ги предупреди членовите на неговата партија Независни Грци дека „секој кој нема да ја следи позицијата на партијата за прашањето за спорот за името, ќе биде автоматски исклучен од партијата“. Тој беше дециден и дека договорот Ципрас - Заев „никогаш нема да биде одобрен“ на референдум. Дел од медиумите во Скопје цитираа грчки медиуми, според кои Каменос сепак, ќе ја напушти и коалицијата со Ципрас и ќе ја урне грчката влада, за да се спречи ратификацијата на постигнатиот договор.

Иако договорот го поздравија и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, и Стејт Департментот на САД и во заедничка изјава - и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, потоа, посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц, и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, според кого, „Ципрас и Заев го направиле невозможното – возможно“, како и министрите за надворешни работи на Германија, на Британија и на Австрија, Хајко Мас, Борис Џонсон и Карин Кнајсел, а поддршка стигна и од соседството, од претседателите и премиерите на Албанија и на Косово, Илир Мета и Еди Рама и Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, сепак, скепсата во поглед на понатамошниот развој на настаните и успешната разврска и понатму е присутна во македонската јавност.

Навистина, премиерот Заев најави дека утре на седницата на Владата ќе се донесе одлука за договорот и викендов ќе може да се организира средба со грчкиот премиер за негово потпишување, посочувајќи дека референдумот е планиран за есенва, а дека по успешниот референдум ќе следат и уставни промени. Оптимист е и неговиот соработник, министерот Димитров кој е убеден дека македонската страна постигнала „максимум, без притоа да го загрозиме договорот. И затоа ќе го бранам со сè што сум и со целото срце. Зошто се втурнавме во ова? За да можеме да се погледнеме во огледало, да си кажеме дека направивме сè за да го фатиме возот за иднината, заштитувајќи го идентитетот и достоинството. За да спиеме мирно. Со мирна совест“.

Лесно ќе биде спомениците на Александар Македонски и Филип Втори Македонски да бидат испратени во Грција како подарок, или ако останат на скопскиот плоштад - да добијат плочки со објаснувања дека се симболи на дел од грчката историја и култура. Но многу потешко ќе биде да се ратификува договорот во двата парламента.

Ако во македонскиот парламент сите пратеници на СДСМ и на албанските парти, како и на помалите партии кои имаат пратеници го подржат договорот, ќе се соберат доволно гласови, но и тогаш на потег е претседателот Иванов, кој со блокада може да доведе до повторно гласање. Уште потешко ќе оди со евентуалната ревизија на Уставот за која на Владата на Заев ѝ се неопходни 81 глас.

Во Грција пак, доколку сите пратеници на владејачката Сириза гласаат за, што е уште отворено прашање, сепак, ако Каменос и Независни Грци ги остварат заканите, тешко ќе се соберат потребните гласови, со оглед на ставовите на Нова демократија и Златна зора.

И додека медиумите во Македонија и Грција, секој од своја страна на границата, на свој начин го толкуваат нон-пејперот за договорот, социјалните мрежи во Македонија буквално експлодираа со обвинувања, навреди, закани па дури и клетви... А допрва се очекуваат реакциите и од бројните максимално национално определени претставници и на македонската и на грчката дијаспора, за кои главно - секоја отстапка на другата страна е национален пораз и предавство.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG