Денес во Њујорк продолжуваат преговорите за спорот околу името меѓу Македонија и Грција.
Од канцеларијата на специјалниот пратеник на генералниот секретар, посредникот Метју Нимиц, најавуваат дека целта на неформалната средба со преговарачите од двете страни е тие да му ги презентираат позициите од нивните влади, да се разгледаат областите каде може да се напредува во разговорите, како и да се определат следните чекори во процесот за постигнување брзо решение за прашањето со името.
Ако се толкуваат извештаите во медиумите кај обете страни, има минимални очекувања за состанокот во канцеларијата на медијаторот Метју Нимиц.
Македонскиот преговарач, амбасадорот Зоран Јолевски за Гласот на Америка изјави дека по извршените консултации со државниот врв, ги добил потребните насоки за текот на разговорите, но не обелодени какви инструкции добил за средбата со Нимиц.
Грција очекува конструктивна средба на преговарачите со Нимиц во Њујорк. Грчкиот претставник Адамантиос Василакис е во постојани контакти и средби со министерот Димитрис Друцас, па затоа во пресрет на утрешната средба немало никакви конкретни консултации , пренесуваат медиумите во Грција, кои речиси и да не се заинтересирани за новата средба.
Последните средби на посредникот на ОН со двајцата преговарачи беа лани кога Нимиц ги посети Скопје и Атина. Во септември минатата година, тој на маргините на генералното собрание на ОН се сретна со македонскиот и грчкиот државен врв.
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун побара искрен дијалог меѓу македонската и грчката страна во спорот со името, на неколку дена пред њујоршката средба на Нимиц со Јолевски и Василакис.
По средбата со германскиот претседател Кристијан Вулф, првиот човек на светската организација не одговори директно дали Нимиц ќе излезе со нов предлог во спорот со името.
„Овој спор со името е долготраен и несреќно влијае врз билатералните односи и секако врз целиот регион. Затоа сакам да подвлечам дека ова прашање треба да се разреши колку што е можно поскоро. Од моја страна ќе направам се’ што можам. Најпрво уште еднаш ќе разговарам и ќе го охрабрам мојот личен застапник, но и засегнатите страни, искрено да се вклучат во дијалогот“, рече Бан Ки-мун.
Медиумите јавуваат дека евентуален нов предлог од Нимиц би имало во септември, кога и се очекува Меѓународниот суд за правда во Хаг да ја објави пресудата врз основа на тужбата поднесена од Македонија против Грција за кршење на времената спогодба од 1995-та година.