Линкови за пристапност

Милошоски: вложуваме сериозни напори за поголема взаемна доверба со Грција


Милошоски: вложуваме сериозни напори за поголема взаемна доверба со Грција
Милошоски: вложуваме сериозни напори за поголема взаемна доверба со Грција

Шефот на македонската дипломатија во заминување ја коментира изјавата на државната секретарка Клинтон.

Шефот на македонската дипломатија во заминување Антонио Милошоски ја повика официјална Атина да покаже прагматизам во решавањето на проблемот со името. Апелот до грчката дипломатија Милошоски го упати коментирајќи ја неодамнешната изјава на државната секретарка Хилари Клинтон дадена за време на нејзината посета на Атина.

„Вложуваме контруктивни и сериозни напори за да овозможиме што повисока политичка комуникација и поголема взаемна доверба меѓу Македонија и Грција. Очекуваме во иднина таквите напори да продолжат и истовремено да ја добијат и поддршката на ОН како една веќе воспоставена рамка на соработка и во секој случај очекуваме од официјална Атина и во овие тешки економски моменти да успее да покаже поголем прагматизам во пристапот кон самото прашање“, изјави Милошоски, запрашан да ја коментира изјавата на Клинтон.

Американската државна секретарка при неодамнешната посета на Грција се осврна на прашањето за името во интервју за ТВ-станицата Скај, кога побара од двете страни да се заложат што поскоро да се изнајде решение што истовремено ќе ја деблокира интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.

„Ние јасно имаме кажано дека ги поддржуваме преговорите што се во тек меѓу Скопје и Атина. Сметаме дека постои можност. Владата во Скопје треба да знае дека не ќе може да појде напред во европската интеграција се` додека не го реши прашањето за името, а Грција мора да биде подготвена да прифати како тоа ќе биде решено“, кажа Клинтон во интервјуто за Скај.

Додека грчката страна инсистира на едно име, со географска одредница, за општа употреба, македонската е за решение што нема да задира во националниот идентитет.

XS
SM
MD
LG