Линкови за пристапност

Заев: Процесот за името е во финална фаза, ќе има референдум


Заев: Процесот за името е во финална фаза, ќе има референдум
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:45 0:00

Како можни термини за одржување на референдумот, премиерот ги спомена септември и октомври

Никогаш не сме биле поблиску до решение на деценискиот спор за името, обелодени премиерот Зоран Заев, на отчетот за сработеното на неговата Влада во изминатата една година, во која една од централните точки беше токму надминувањето на прашањето за името.

Заев се воздржа од коментар за тоа кое име начелно е прифатливо за двете страни, откако предлогот „Република Илинденска Македонија“ не помина во Грција.

Кажа дека процесот е во финална фаза, потврди дека е усвоена општа рамка, и дека клучниот сегмент треба да биде затворен во разговори со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

„Се` уште не е ништо договорено. Како што соопштија министрите Димитров и Коѕијас, договорени се принципи и начела на договор. Се работи на правно формалниот аспект на самиот договор, следува разговор помеѓу мене и премиерот Ципрас, верувам деновиве, вечерва, утре или до петок. На овој разговор очекувам да направиме исчекор што е многу значаен, и затоа ги следиме сите шпекулации во јавноста“, рече Заев, и додаде:

„Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството меѓу двете земји и двата народа никогаш не било поголемо. Потврден е македонскиот јазик, потврден е нашиот македонски идентитет. Не е лесно ова прашање, но на Македонија и треба лидерство да исчекори напред, а не само празни зборови. Покажавме дека сме подготвени да водиме и затоа ве повикувам почитувани граѓани да се приклучите. Рековме и ќе има референдум“, изјави Заев.

Како можни термини за одржување на референдумот, Заев ги спомена септември и октомври. Делумно и ги објасни фазите за имплементирање на договорот - прво негова ратификација, па потоа одржување референдум.

„Ратификација пред референдумот, за да може Грција да испрати писмо да НАТО, и за да добиеме покана од НАТО. Месец порано, месец порано. Секако ратификацијата на договорот е нешто зад што застануваат двете Влади и веројатно парламентарното мнозинство, а се надевам дека тоа ќе биде многу големо мнозинство, заедно со опозицијата. Но, секако сите треба да знаат дека конечен е референдумот. Крајот на септември, почетокот на октомври, веројатно е соодветното време. Ќе се договориме сите чинители во државата кога да се одржи тој референдум“, објасни премиерот.

Оптимизам за скорешно решение на 25-годишниот проблем манифестира и грчкиот премиер.

„Се гледа перспектива за решение за името во тешките, но, неопходни преговори со поранешната Југословенска Република Македонија“, изјави Алескис Ципрас.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG