Линкови за пристапност

Ќе се намалат цените на природен гас, рече Бектеши за договорот за гасовод со Грција


Проектот ќе донесе диверзификација на природен гас по децении монопол на користење на гас од Газпром, што не е многу пријатна ситуација, рече Заев

Северна Македонија и Грција го потпишаа договорот за изградба на интерконекторот за пренос на природен гас меѓу двете земји.

Станува збор за проект кој ќе чини околу 100 милиони евра. Повеќе од половина - 54 милиони евра ќе обезбеди земјава. Проектот опфаќа изградба на 55 километри гасовод од Неа Месимврија близу Солун на грчка, до Гевгелија на македонска страна.

„Ова е голем чекор напред кон подобрување на енергетската инфраструктура на нашата држава, тоа ќе придоенсе во диверзификацијата на снабдување со гас, а секако и на стабилноста на снабдување со гас. Ова е многу важно, не само за однсите меѓу двете земји, туку и за економијата. Ќе се намалат цените на природен гас“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Костас Скрекас, министер за животна средина и енергија на Грција, рече дека со овој договор ќе се надгради геополитичката улога на Грција.

„Со оглед на тоа што дополнително ја зајакнуваме нејзината улога како енергетски крстопат - од нашиот национален систем ќе се пренесува природен гас во Северна Македонија. Второ, на нашиот северен сосед му даваме можност да го намали влијанието врз животната средина и постепено да ја достигне енергетската транзиција“, рече тој.

На потпишувањето присуствуваа и премиерот Зоран Заев, како и американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајет, кој во синоќешното обраќање на енергетски настан порача дека договорот за изградба на интерконекторот меѓу двете земји заедно со другите регионални енергетски иницијативи како ТАП гасоводот, ќе обезбеди енергетска стабилност, пониски цени, како и намалување на зависноста на Балканот од руски гас, а со тоа, како што рече, ќе се оневозможи користењето на енергенсите за политички цели.

Македонскиот премиер, кој во Атина заедно со косовскиот премиер Курти и поранешната хрватска претседателка Грабар-Китаровиќ учествуваше на конференција на „Економист“, зборувајќи за регионалната економска соработка ја спомена и изградбата на интерконекторот.

„Тоа е интерконектор за природен гас што отвора огромна можност, не само за Северна Македонија, туку и за Србија, за Косово, за Западен Балкан, што конечно ќе донесе диверзификација на природен гас по децении монопол на користење на гас од Газпром, што не е многу пријатна ситуација“, рече Заев.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG