Македонската дипломатија нема дилеми дека „охридската“ рунда разговори за името ќе биде тешка.
И покрај внимателниот оптимизам подгреан со исходот во Виена, проценките изнесени денеска во Скопје се дека допрва следат преговорите за клучните прашања, од што пак, ќе зависи и исходот на целиот процес.
Никола Димитров се надева дека фактот што со Никос Коѕијас ќе се сретне токму во Охрид, градот каде во минатото успешно се затвораа тешки преговори, ќе придонесе да биде постигнат напредок.
„Прашањето е толку важно што по дефиниција сите рунди разговори се тешки, така што се разбира очекувам темелни разговори. Се надевам на прогрес. Мислам дека однесувањето и на Република Македонија и на нашите соседи од Грција во однос на процесот сигнализира дека процесот е во една деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори, и се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува токму во Охрид и духот на тој наш бисер се надевам дека ќе ни помогне“, изјави Димитров.
Двете страни, во пресрет на разговорите, се воздржуваат од подетални изјави, за тоа кои се главните разлики.
Од она што досега е кажано, како и од извори на Гласот на Америка, станува збор за суштински различни позиции за опсегот на употреба на договореното име - Грција бара ерга омес и за внатрешна употреба за што, според Атина, би требало и измена на Уставот.
Македонија, пак сака чисти позиции околу именувањето на јазикот, зачувување на идентитетот, но и опсегот.
Имајќи ги предвид овие отворени прашања, самото сложено име се смета дури и за помал проблем, ако се знае дека македонската Влада јавно се согласи за име со географска одредница во кое ќе биде терминот „Македонија“.
Засега, како најсериозни опции во игра се Република Горна Македонија и Република Северна Македонија.
Грчките медиуми денеска објавуваат дека во пресрет на средбата во Охрид, Метју Нимиц им испратил писмо на Димитров и на Коѕијас, во кое ги навел точките за кои има согласување и точките за кои има разлики што тој ги детектирал на виенските преговори, како документ што треба да помогне во претстојните разговори.
Facebook Forum