„Европската унија е подготвена да ја поддржи работата на новата Влада, како и на опозицијата, со цел конструктивно да се исполнат сите делови од Договорот од Пржино и итните реформски приоритети. Очекуваме сите парламентарни партии да ги остават на страна поделбите, и да работат заедно, за да се испорача заедничка реформска агенда, во корист на целата земја“, порачаа еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и шефицата за надворешна политика на Европската унија Федерика Могерини, по вчерашниот избор на новата Влада.
Тие го поздравија нејзиниот избор, и потенцираа дека е клучно земјата да се врати на патот на европската интеграција.
И генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг му ја честита победата на премиерот Зоран Заев, најавувајќи натамошна поддршка од НАТО.
„Земјите-членки на НАТО имаат интерес од стабилна, демократска и од просперитетна земја, како дел од стабилен Западен Балкан“, вели Столтенберг
Формирањето на владата го поздравија и политичари и експерти од регионот и од Европа, меѓу кои и Торстен Фрај, пратеник во Бундестагот, како и претседателот на црногорскиот Парламент Ранко Кривокапиќ.
Вчера со 62 гласа „за“, 44 „против“ и 5 „воздржани“ беше изгласана Владата, која ќе ја предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Тој денес ја презеде функцијата претседател на Владата на Република Македонија од техничкиот премиер Емил Димитриев.
„Убеден сум дека сите заедно ќе соработуваме за интересите на сите граѓани“, рече Заев.
Facebook Forum