Линкови за пристапност

Ветинг во судството треба да биде еден од приоритетите на новата влада, сметаат аналитичарите


Процесот на избор на новата влада ќе помине „мазно“, сметаат познавачи на состојбите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:53 0:00

Експерите со кои зборуваше „Гласот на Америка“ не се уверени во тврдењата на опозициските партии дека оваа влада ќе има кус рок на траење

Процесот на избор на новата влада ќе помине „мазно“, сметаат познавачи на состојбите. Тие своите анализи ги темелат најмногу на фактот дека Али Ахмети, некако, успеа да го смири незадоволството во ДУИ и да ги потврди клучните неколку гласови за избор на новата влада на Зоран Заев.

Аналитичарите со кои зборуваше „Гласот на Америка“ не се уверени во тврдењата на опозициските партии дека оваа влада ќе има кус рок на траење.

„Според мене, оваа влада ќе истурка 4 години ако коалицискиот договор го исполнуваат според договореното. Опозицијата не може да бара предвремени избори ако за тоа нема поддршка од некоја од партиите во владиното мнозинство. Мислам дека првиот нивни тест ќе бидат локалните избори, дали ќе соработуваат или итн“, изјави политичкиот аналитичарот Алберт Муслиу.​

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека ​е точно оти малку покомплицирано се формирало ова мнозинство, и дека првите сигнали се на еден некомфорен мандат.

„Но имајте на ум дека претходното мнозинство беше со уште послаби бројки и издржа онолку колку што издржа“, вели тој.

Она што и Арсовски и Муслиу го сметаат за суштински важно се приоритетите на идниот владин кабинет – што ќе биде фокусот во првите месеци кога светот се` уште е во ситуација на пандемија.

„Ако се исклучи справувањето со пандемијата што е врвен приоритет, но не е политички, тогаш би рекол дека прв приоритет на владата е владеење на правото, па заздравувањето на економијата, почеток на преговори со ЕУ“, смета Арсовски.

Муслиу додава дека почетокот на секој мандат е за храбри одлуки.

„Се надевам дека ветувањата за ветинг во судството ќе биде еден од приоритетите, еве има и најава за нова економска поддршка, но се надевам и дека ќе поработат на квалитетот и отчетноста на нивните кадри“, вели тој.

Проценките на двајцата аналитичари се дека поради тенкото мнозинство од само 62 пратеници, владата ќе биде под постојан притисок на опозицијата и ќе нема многу простор за грешки во наредниот период исполнет со предизвици – коронавирус, економија, владеење на правото, почеток на преговорите со ЕУ и образование во услови на епидемија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG