Владејачката структура се огради од заканите кон Бранко Героски упатени од лице што се претставило како обезбедување во СДСМ. Новинарот кој денеска беше примен во партиското седиште бил уверуван дека Социјалдемократскиот сојуз нема каква било врска со синоќешната порака на социјалните мрежи „Героски да гледа да не биде избањат во Вардар“.
„Добив уверувања дека СДСМ не стои зад ваквите настапи на поединци. Од мене сега зависи дали случајот ќе го пријавам во полиција и во редовна процедура да барам сатисфакција. Ова е единствената писмена закана по серијата мои написи кои предизвикаа бура во јавноста“ изјави Геровски.
Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов ја осуди испратената навреда:
„Секако, како одговорна партија, ние од СДСМ се оградуваме и најостро осудуваме каков било обид за навреда или за спречување на изразување на слободна мисла на говор. Тоа не е наша вредност. Наша програмска определба, наш принцип и наша вредност е да имаме овозможување на слободно изразување на волјата на говор, тоа и го правиме.“
Героски утрината беше примен во кабинетот на шефот на државата. Пендаровски осудил каков било вид на закани упатени до новинари и медиуми. За инцидентот реагираа и ЗНМ и новинарскиот синдикат – велат дека ваквите закани претставуваат директен напад на слободата на изразување и слободата на медиумите и ги повикуваа надлежните институции да ги преземат сите мерки за откривање на заканувачот и негово казнување. Станува збор за извесен Борче Гиновски за кого беа објавени фотографии на кои е тој заедно со функционери од владејачкиот СДСМ.
Facebook Forum