„Одличен концерт! Многу е убаво да се пее за слободата. Ни требаат вакви концерти во Скопје, и на Македонија и` треба слобода!“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, по саботниот петчасовен концерт во Скопје, 22-годишниот клавијатурист Клинтон Демировски, кој првпат настапи со популарната група „Шутка Рома рап“, и не го криеше своето воодушевување и од колегите музичари, и од приемот кај публиката.
Концертот беше дел од мутимедијалниот спектакл, своевидно финале на „Караванот на слободата“, тримесечен фестивал во организација на НВО „Цивил - Центар за слобода“, а со поддршка на УСАИД, чија цел беше преку уметноста и културата да се влијае на засилување на граѓанската свест и на граѓанскиот активизам.
Динамичниот мултимедијален проект, во кој, за 60-тина дена, екипи на граѓански активисти, музичари, поети и ликовни уметници, посетија над 40 урбани и рурални општини, во кои поделија илјадници примероци пропагандни материјали и разговараа со граѓаните, но и организираа седум големи концерти во Велес, Тетово, Кавадарци, Струмица, Куманово, Штип и Скопје, имаше за цел да го поттикне граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.
На концертите на кои се пееше за слободата, на македонски, албански, српски, ромски, англиски..., настапија најпопуларниите македонски пејачи и рок и рап групи, со нивните ангажирани песни, меѓу кои Тони Зен, Бени и „Нон Стоп“, Кристина Арнаудова, „Шутка Рома рап“, „Лилит“ и Амон Мра, „Мугер Фугер“, Пеце – „Суперхикс“, „Капурдаг“, „Бла, бла, бла“, „Стринг Форсис“, „ПМГ Колектив“...
„Кога ќе се соберат повеќе луѓе од различни, нации и религиии,со разни определби, на едно место, да уживаат во моментот и во музиката – е тоа е слобода!“, изјави по еден од концертите раперот Тони Зен, а според претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, „уметниците имаат општествена одговорност да зборуваат и да творат за слободата и преку влијанието на уметноста да ја разбудат граѓанската свест“.
Дел од сите концерти беа и поетски перформанси на дваесетина поети, на јазиците на кои творат, а паралелно со концертите, се одржуваа и и ликовни изложби и уметнички работилници „Боите на слободата“ на кои покрај академски сликари, учествуваа и граѓаните, од кои некои за првпат имаа прилика да сликаат на платно. Дел од пратечките активности беа и ДЏ-сетови, флеш-моб перформанси, инфо-штандови, фотографирање и снимање на фото и видео-петиции...
Беа одржани и шест дебати на тема „Македонија: со или без слобода“, на кои над дваесетина активисти, новинари, професори, актери, адвокати..., секој со своето гледиште, полемизираа за ограничувањата на правата и слободата во Македонија..
Една од најинтересните „дефиниции“ на слободата даде младиот поет Арсим Јонузи, по настапот на гостувањето на „Караванот на слободата“ во Куманово: „За мене, најкратко речено, слободата значи да немаш страв, да си тоа што си и да го искажеш тоа што си!“