Линкови за пристапност

Македонските новинари порачаа: „Јас сум Шарли“


Со наострени моливи и транспаренти македонските новинари ја искажаа солидарноста со убиените колеги од францускиот сатиричен магазин „Шарли ебдо“

Вчерашниот марш, на кој се приклучи и амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер, се одвиваше истовремено со масовниот собир во Париз. Започна од Паркот на новинарите во центарот на Скопје, и заврши пред Францускиот културен центар каде новинарите се потпишаа во Книгата на жалост, под пораката: „Нападот врз Шарли е напад врз слободата на изразување“!

„Сакаме да ја покажеме нашата солидарност, но и нашата подготвеност да се бориме за правото на професијата секаде во светот, како што тоа го направија и нашите колеги од Франција. Пробаа да ја ликвидираат демократијата. Интелегенцијата, хуморот и културата сакаа да ги претворат во ништожност. Но, борбата која треба да ја продолжиме во чест на нашите колеги од „Шарли“ кои подготвуваа специјално анти-расистичко издание, е да ги разобличиме и осудиме сите екстремисти кои промовираат расизам и омраза. И покрај шокот што ја погоди целата професија и граѓаните на оваа земја, денеска можеме да кажеме дека Шарли ќе живее и дека сега дострелот на овој весник ќе биде глобален“, вели Драган Антоновски, потпретседател на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, организатор на маршот, поддржан и до Здружението на новинарите на Македонија и од голем број редакции.

Претходните денови, голем број редакции се идентификуваа со „Шарли“.

Жанета Трајкоска, од Високата школа за новинарство смета дека во услови кога „Македонија се` подлабоко тоне во однос на новинарските права и слободата на говорот, само оние што и дома се залагаат за слобода на изразувањето можат да се идентификуваат со оваа планетарна порака“.

„Кога ова ќе се реконтекстуализира на локално ниво „Јас сум Шарли“ симболизира „Јас сум Кежаровски“. Верувам дека само тие што се залагаат за ослободување на новинарот Кежаровски можат на вистински начин, без трошка хипокризија, да ја истакнат планетарната порака - дека сите ние, медиумските работници, новинарите, граѓаните, сме Шарли и дека слободата на изразувањето и покрај грозоморните егзекуции врз новинарите, не може и не смее да биде загрозена“, смета Трајкоска.

Вчерашниот марш беше одговор на повикот на Меѓународната федерација на новинари за солидарност со убиените француски колеги, а на 14-ти овој месец, Македонија одново ќе биде дел од нова акција против нападот врз слободата на изразување. Заедно со Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Романија, Македонија е дел од платформата Fairpresseu, проект финансиран од фондовите на ЕУ, на 14-ти јануари ќе го одбележат „Денот на тишината“.

Медиумските куќи, новинаските агенции и блогерите во периодот од 11:30 часот (времето на нападот на редакцијата на Шарли ебдо) до 14 часот ќе ја објават пораката „Ден на тишината“ за да покажат како би изгледал светот без новинари, медиуми и без зборови.

XS
SM
MD
LG