Амбулантите и болниците во Македонија се преполни со пациенти заболени од грип, кој годинава зеде поголеми размери.
Според здравствените работници, само во првата недела од 2017-та година, пријавени се нови 8.067 случаи. Заклучно со минатата година, досега вкупниот број на заболени изнесува приближно 25.000.
„Се вакцинирав превентивно, но, веќе двапати се разболувам. Кашлицата ми се зголемува. Не знам колку делува вакцината“, вели пациентка.
Институтот за јавно здравје во Скопје вели дека епидемиолошките податоци за бројот на пријавени случаи на грип, укажуваат на ран почеток на сезоната.
Според нив, неделниот број и натаму е над границата на многу висока активност, првпат по 2009-та и 2010-та година.
„Драстично расте бројот на заболени, а ваква состојба се очекува и во наредните неколку денови. Кога за една недела учениците ќе се вратат на училиште, очекуваме дека тоа ќе го зголеми бројот на заболени“, вели Јованка Коровешоска од Центарот за јавно здравје во Охрид.
Докторите сметаат дека една од причините за зголемената појава на грип се и климатските промени.
„Вирусите се специфични по тоа што многу често мутираат, па потребно е вакцините да се менуваат од година в година. Климатските промени придонесуваат да се појават и сезонски вируси“, вели докторката Виолета Мицкоска.
Најпогодени се децата и повозрасните лица. Според официјалните податоци на надлежните институции, оваа сезона во Македонија, против сезонски грип вакцинирани се повеќе од 26.000 лица, а најголем број од нив се на возраст од 64 години.
Поради грипот и ниските темпертури, продолжен е и школскиот распуст за учениците, а како превентивни мерки најавени се дезинфекција на автобусите, на детските градинки и на училиштата.