Линкови за пристапност

И покрај протестите, започна екстерното тестирање


Претставник на Интернационалата за образование го поздрави оспоруваниот договор меѓу Министерството и СОНК

„Мислам дека на Синдикатот за образование наука и култура – СОНК треба да му се даде време да ги организира состаноците, за да им објасни на своите членови за реформите. Секогаш, во време на реформи, е тешко сите да го сфатат ова, но ние знаеме дека голем дел од наставниците ги поддржуваат овие реформи. Знаеме дека екстерното тестирање е еден од проблемите, но знаеме дека екстерното оценување од неодамна е комплетно изменето, бидејќи имаше една казна за наставниците, а сега тој елемент е тргнат и е подобрено“, изјавил генералниот секретар на Интернационалата за образование - EИ, Фред Ван Ливен, којшто е во посета на Скопје, по средбата со министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, заменик-министерот Спиро Ристовски и претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Ваквата изјава на гостинот од ЕИ е изненадување за македонската јавност ако се знае дека, незадоволни од реформите во образованието, особено од екстерното тестирање, Наставничкиот, Средношколскиот и Родителскиот пленум во неделата повторно протестираа на скопските улици, барајќи наместо реформите да ги осмислуваат и спроведуваат „неписмени луѓе кои не се советуваат со наставничкиот кадар кој има практични знаења“, сите образовни институции, со поддршка на ресорното Министерство, да создаваат „креативни лица кои знаат да размислуваат со своја глава“.

Средношколците, коишто со месеци низ протести, бојкот на наставата и „кампирање“ пред Министерството се борат против, како што наведуваат, лошите реформи во образованието што подразбираат оценка на знаењата на учениците и објективноста на наставниците „преку квиз-тест од 30 прашања“, најавија дека од септември, со отпочнувањето на новата учебна година, повторно ќе излезат на улиците.

Покрај пленумите на наставниците, родителите и учениците, против договорот меѓу СОНК и МОН се изјасни и Мултиетничкиот синдикат за образование – МЕСО. За ова тело, прекинувањето на штрајкот на наставниците било грешка, а решенијата од договорот се недоволни и половични. Но, најголемиот грански синдикат во Македонија, СОНК, денес ја доби поддршката од гостинот Ван Ливен, којшто е генерален секретар на Интернационалата за образование, светска организација на синдикатите за образование во којашто членуваат над 30 милиони просветни работници, здружени во 401 синдикати за образование од 172 земји, а меѓу коишто е и СОНК, како редовна членка од 1998-ма година. Ван Ливен во Скопје го поздрави договорот склучен помеѓу МОН и СОНК, со којшто, според него, се решил постоечкиот конфликт.

„Ние веруваме дека Македонија го има избрано вистинскиот пат за подобрување на квалитетот на образованието. Го потсетивме Министерството дека за да се подобри квалитетот на образованието, мора да се даде повеќе професионален простор на наставниците. Истовремено, мора да и се даде на организацијата која ги претставува – СОНК, доволно простор да можат да предлагаат како образованието да се подобрува“, изјавил ген-секот на ЕИ.

И покрај бројните повеќемесечни протести, денес започна екстерното тестирање, за коешто министерот Адеми изјави дека „може да се зборува само за усовршување и подобрување, и затоа сега се залагаме да се подобри системот, затоа што сега сметаме дека е потребен на образовниот систем“. Контроверзното екстерно тестирање, коешто ќе трае до 10-ти јуни, денес започна за учениците од четврто одделение во основното образование, до трета година во средното образование. Како проверка на постигнувањата на учениците и проверка на објективноста на оценувањето на наставниците, тестирањето ќе опфати вкупно 183.280 ученици и 17.803 наставници преку 445.700 прашања на македонски, албански, турски и српски јазик.

Проблемите со и во образованието во Македонија се тема и на дискусијата на 17-от ден во „Кампот на слободата“ пред Владата, каде средношколци, наставници, професори и граѓански активисти ќе се обидат да одговорат на прашањето „Дали е возможно квалитетно образование преку лоши законски решенија?“.

XS
SM
MD
LG