Линкови за пристапност

Трибина: Иднината на Западен Балкан


Трибина: Иднината на Западен Балкан
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:38 0:00

Трибина: Иднината на Западен Балкан

Во организација на Институтот за демократија и развој, во Вашингтон се одржа трибина за иднината на Балканот во ЕУ и НАТО и дали се` уште САД имаат улога во збиднувањата.

Постои ангажман на САД во процесот на интеграција на земјите од Балканот во евро-атланските структури, со повик од дел од излагачите за вложување на дополнителни напори од страна на оваа земја, со цел да се спречат нови конфликти.

Конкретно за Македонија, на прашање на Гласот на Америка на македонски, дали неодамнешната средба меѓу германската канцеларка Ангела Меркел со посредникот на ОН Метју Нимиц, навестува извесна промена во американската политика околу спорот со името и дали тоа може да се толкува дека Германија би имала водечка улога во евентуалното разрешување, претставникот на Стејт департментот, Џонатан Мур потенцираше:

„Сметам дека би било преизбрзано да се каже дека улогата на Германија се менува во овој контекст. Нивото на интерес на оваа земја отсекогаш било присутно. САД со ентузијазам продолжуваат да го поддржуваат процесот на ОН под водство на Нимиц. Можностите ставени на маса за Македонија се огромни, да се создадат услови за напредок кон пристапување на ЕУ, а и речиси инстантно би следело членство во НАТО, штом би се постигнал договор по прашањето за името. Токму ова би требало да ги мотивира политичките лидери во Македонија да сторат се` што е во нивна можност да се дојде до решение, а истовремено, тоа треба да го стори и грчката страна“.

Тој не ја изостави важноста САД и ЕУ да соработуваат околу прашања како овие. Улогата на Германија е мошне силна и јасна и САД го почитуваат тоа, рече тој, повикувајќи на иницијатива не само од Берлин, туку и од други главни градови во Унијата. Претставникот на Стејт департментот истакна дека спорот за името се одвива многу долго време. Навиваме тој да се реши, рече тој, но и натаму доаѓаме до заклучок дека само инволвираните страни може да одредат што е соодветно за нив.

Програмскиот директор на фондацијата Рокфелер, Хаки Абази стравува дека немањето интерес за регионот, само ќе резултира во циклуси на различни конфликти и кризи. За Македонија кажа:

„Би сакал да видам напредок во решавање на спорот со името, но исто уште повеќе сакам проблемот да не се користи како изговор за решавање на своите внатрешни прашања“.

Земјата треба да работи на напредок за да ги исполни критериумите за влез во ЕУ. „Несфатливо е како македонската влада го троши буџетот на проектот Скопје 2014, на пример, а насекаде околу постои екстремна сиромаштија. Нема вработувања, нема визија за развој и мошне мали директни странски инвестиции“, додаде тој.

Абази повика САД да ангажираат виши претставници кои ќе најдат време да се справуваат со актуелните проблеми на Балканот, со оглед на тоа што постои, како што ја нарече, одлична инфраструктура и во регионот и во Вашингтон. Ова е критичен момент, бидејќи во тек е таканареченото „одлевање на мозоци“ од секоја од земјите, а втора поента, на која се задржа и Курт Басунер од Советот за демократизација, е паралелното слевање на илегален капитал поврзан со организираниот криминал. Токму тоа, подвлекоа овие стручњаци, ги одвраќа европските инвеститори.

Експертите беа согласни дека реформите, особено во судството се неопходни, дека сепак постои потенцијал Балканот да биде успешна приказна, а етничката разновидност да опстои, да биде пример за целиот свет.
XS
SM
MD
LG