Линкови за пристапност

Помошта од САД во Македонија не треба да заврши по НАТО


Неопходна е поддршка во европскиот процес, бидејќи државата може многу лесно да заглави со реформите, велат учесници на дебата во Германскиот маршалов фонд во Вашингтон

САД треба да останат клучен играч во процесот на транзиција во Македонија, бидејќи потешкиот период следи по имплементација на Договорот од Преспа, заклучија учесниците на дебата за иднината на државата во Германскиот маршалов фонд во Вашингтон.

Според нив, помошта од САД не треба да заврши со приемот на Македонија во НАТО, туку е важно да продолжи и во периодот потоа бидејќи, како што велат тие, европскиот процес е многу потежок и бара спроведување на клучните реформи, како владеење на право, справување со корупцијата и независни медиуми.

Тие нагласуваат оти се свесни дека постои загриженост САД да се повлечат од Централна Европа и делови од Источна Европа, но, веруваат дека Американската влада треба да ја продолжи поддршката на граѓанското општество и демократските процеси во Македонија, бидејќи државата може многу лесно да заглави при исполнување на реформите и да дозволи да се притиснат погрешни копчиња.

Патот до НАТО за нив е дипломатски и многу полесен, но, за да се исполни мора претходно да се изгласаат потребните уставни измени, оти друга ваква можност во блиска иднина не гледаат.

Велат дека се свесни оти постои опозиција кај граѓаните и кај дел од дијаспората за промена на името, како начин да се влезе во ЕУ и НАТО, но, доколку Договорот успее, повикаа сите страни да се обединат и да работат заедно државата да се придвижи напред.

Нагласуваат дека е неопходно да се сочува транспарентноста на процесот, и да се повикаат на одговорност сите инволвирани во корупција.

Според нив, Европската унија нема да дозволи прием на нови членки кои не овозможуваат владеење на правото, потенцирајќи дека државата треба да се советува со меѓународните партнери пред да донесе важни одлуки, кои може негативно да се одразат врз иднината на државата.

Очекуваат дека и грчката страна ќе го ратификува Договорот од Преспа, со што ќе се стави крај на ова прашање, а кое ќе доведе до стабилизација на целиот регион.

Го истакнаа и силното руско влијание, поради што веруваат дека е потребно САД да го осигураат присуството во регионот, а патувањето на потпретседателот на САД Мајк Пенс на Балканот го гледаат како позитивен сигнал за натамошна американска поддршка и заложба во Македонија и соседството.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG