Линкови за пристапност

ЕУ не е комплетна без Балканот, порача Димитров пред самитот во Словенија


Владата се надева на јасен сигнал дека Брисел е подготвен да ги исполни преземените обврски кон регионот, земајќи ги предвид постигнувањата на земјите-кандидатки

Местото на Западен Балкан е во Европската Унија - ваква порака Скопје очекува да произлезе од Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој в среда ќе се одржи во Брдо кај Крањ.

Владата се надева на јасен сигнал дека Брисел е подготвен да ги исполни преземените обврски кон регионот, земајќи ги предвид постигнувањата на земјите-кандидатки.

Повикот доаѓа во период кога членките на Унијата се` уште разговараат за тоа што треба да содржи документот што ќе произлезе од Самитот и дали во него ќе се повтори гаранцијата за европска перспектива за балканските земји.

„Очекувањето за нас, е дека ЕУ преку лидерите во Европскиот совет ќе испратат силна и мотивирачка порака за продолжување на максимален фокус на ЕУ кон интеграциите на Западен Балкан во ЕУ“, изјави премиерот Зоран Заев.

И вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров истото го побара на еден од панелите на Белградскиот економски форум, на кој се дебатираше токму за прашањето што треба да се очекува од состанокот во Словенија.

Димитров предупреди дека во прашање не е само перспективата на регионот, туку и кредибилитетот на Унијата.

„На регионот му е потребна јасна и силна политичка порака. Самитот треба да биде можност за да се зајакне стратешката комуникација меѓу ЕУ и Западниот Балкан, бидејќи Унијата е навистина нашиот најблизок пријател и најголем донатор. Обединет Балкан е возможен само во обединета Европа, а без Балканот ЕУ не е комплетна. Европското обединување е можно само врз основа на европскиот наратив и процесот на пристапување е основната рамка, но не може да биде функционална ако не обезбедува резултати, ако не испорачува, ако не се заснова на доверба и кредибилитет“, рече Димитров.

За позитивен епилог за иднината на проширувањето од самитот во Словенија, денеска во Берлин разговарале шефот на германската дипломатија Хајко Мас, и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.

„Факт е дека Берлин е најсилен предводник за европската перспектива и на Северна Македонија, како и на целиот регион. Имаме важен самит пред нас и поддршката од партнерите како Германија е неопходна, прво, за да ги надминеме разликите со Бугарија за да се одблокира процесот, но и да го вратиме европскиот кредибилитет во регионот, спротивставувајќи се со тоа и на скептицизмот во ЕУ “, рекол Османи на средбата, како што соопштува неговиот Кабинет.

За ситуацијата со процесот на проширување се очекува да се разговара и за време на посетата на шефот на државата на Грција, прва во историјата на двете земји.

Пендаровски, во Атина, ќе има средба со грчката претседателка Сакеларопулу и со премиерот Мицотакис.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG