Линкови за пристапност

Пристапен дијалог меѓу Македонија и ЕК


Премиерот Груевски и комесарот Филе задоволни од резултатите на средбата во Скопје

Дијалогот на високо политичко ниво меѓу Владата на Република Македонија и Европската комисија, што денес започна во Скопје, донесе конкретен акционен план.

Двете страни се обврзаа на соработка за напредок во сферите во кои Македонија беше критикувана во последиот Извештај на Европската комисија, објавен лани во октомври. Утврдени се конкретни мерки за тоа што треба да се направи за да се подобри состојбата во врска со слободата на изразувањето, владеењето на правото, реформата на јавната администрација, изборната реформа и зајакнувањето на пазарната економија.

„Денешниот состанок не беше празен, туку воспоставивме листа на јасни заклучоци и листа на целите кои треба да се исполнат во веќе познатите пет области. Тие подразбираат конкретни обврски“, изјави Филе по завршувањето на дијалогот.

Филе појасни дека дијалогот треба да помогне во модернизацијата на земјата преку интензивирање на реформските процеси.

„Битно е да се работи на целиот процес од три агли. Првиот е внатрешнополитичката дебата и инклузивното учество во рамките на земјата, вториот агол е реформскиот процес, а третиот се односите со соседите. Моето мислење е колку поцврсто работите на еден или на два агли, толку подобри услови обезбедувате за останатите“, изјави Филе.

Задоволство од резулатите на денешниот дијалог изрази и премиерот Груевски.

„Македонија и ЕК се партнери во еден историски потфат за нашата земја, а тоа е членството на земјата во Унијата. Тоа е предизвик за нашата генерација политичари, за чие што спроведување сите посветено работиме, без оглед на ирационалните пречки кои ни се поставуваат на патот, затоа што членството на Унијата е добро за понатамошниот демократски и економски развој на земјата, за натамошна промоција за заштита на нашите вредности и кулутура. Тоа ќе биде добро и за Балканот, и за ЕУ, за стабилноста, благосостојбата и просперитетот на нашиот континент во време на глобализација“, изјави Груевски.

По денешиот дијалог следи изработка на табела - оперативна мапа за оствaрување на договорените цели која премиерот и Владата се обврзале дека ќе ја претворат во патоказ до средината на април. Во мај, таа мапа ќе биде претставена пред Унијата, а ќе се одржи и уште една средба, во септември.

Филе за дијалогот со Груевски го запознал и водачот на опозициониот СДСМ. Бранко Црвенковски во соопштението по средбата наведува дека партијата ја поздравува соработката меѓу Република Македонија и ЕУ и смета дека ЕК со дијалогот сака да ја поттикне владата да направи позитивни исчекори кон евроинтеграцијата. Според Црвенковски, секаков позитивен резултат од тоа ќе биде добредојден, пред се` за граѓаните на Република Македонија, меѓутоа и за земјата во целина.

XS
SM
MD
LG