Линкови за пристапност

Македонци во САД бараат да им се продолжат визите за време на пандемијата


Македонски граѓани во САД, меѓу кои и студенти, бараат Амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон да им организира превоз да се вратат дома.

Ваквите барања пристигнале до Амбасадата, откако Министерството за надворешни работи во петокот, ги повика граѓаните кои се наоѓаат надвор од државата, а кои сакаат да се вратат дома, да се јават во надлежните дипломатски претставништва.

Покрај оние што чекаат организиран безбеден превоз, има и лица кои бараат продолжување на нивните визи, оти им истекува рокот за дозволен престој во Америка.

Амбасадата вели дека во вакви вонредни услови како последица на пандемијата со коронавирус, дневно добиваат над десетина барања од македонски државјани, кои се затекнати во САД, а кои не се во можност да патуваат, поради воведените рестрикции во САД и Европа.

„Амбасадата е во редовен контакт со Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, како и со Стејт департментот на САД, со цел да се изнајде начин македонските државјани безбедно да се вратат дома“, соопшти Амбасадата за Гласот на Америка, и додаде:

„Заедно со Конзулатите во Њу Џерси, Детроит и во Чикаго, имаме секојдневна комуникација со нашите државјани кои се затекнати“.

Оттаму велат дека и покрај ситуацијата со КОВИД-19, Амбасадата ќе биде отворена и достапна за сите граѓани на кои им треба помош и во наредниот период.

Министерството за надворешни работи досега добило 350 барања за организирање превоз од Северна Америка, Јужна Америка, Австралија, Азија и од Африка.

МНР денес објави дека бил организиран превоз за враќање и на македонски граѓани од Словенија, Истанбул, Загреб и од Малта, кои ќе бидат сместени во задолжителен карантин, согласно мерките на Владата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG