Договорот од Преспа и интеграцијата во НАТО ќе бидат во фокусот на кампањата за престојните претседателски избори, сметаат универзитетските професори Јове Кекеноски и Горан Шибакоски. За Кекеноски, иако не се во надлежност на претседателот, кандидатот особено на власта ќе мора да даде одговори и на прашања поврзани со случувањата во судството. Шибакоски пак смета дека и двајцата треба да зборуваат и на други теми кои ги засегаат граѓаните.
„Сигурно, генерално во фокусот ќе биде Преспанскиот договор меѓутоа од два сосема различни аспекти. Едниот максимално ќе го подржува, а другиот наводно неподржувајќи и критикувајки ќе говори дека нема да го поддржи, иако во принцип ќе биде свесен дека тоа не може да се реализира во иднина бидејќи ќе треба многу години, труд и напор и многу убедување на меѓународната заедница да се укаже на нелогичностите и на спротивностите кои ги има во меѓународниот договор“, вели Кекеноски.
„Фокусот главно би бил на договорот од Преспа затоа што веќе двајцата кандидати имаат спротивставени позиции во однос на овој договор. Тоа е продукт кој се продава и тоа се темите кои што ќе ги интересираат граѓаните. Очекувам од кандидатите да покажат што тие би направиле и во таа економска дипломатија бидејќи ингеренциите на претседателот се пред се да ја претставува државата и да води една активна надворешна политика“, вели Шибакоски.
И двајцата сметаат дека во однос на минатите изборни циклуси кампањата овој пат би била попристојна.
„Очекувам да има цивилизирана кампања без меѓусебни навреди и омаловажувања, но нема да ме зачуди ако бидеме сведоци на сарказам и на одредени суптилни навреди кои ќе се обидат да го испровоцираат противникот“, смета Кекеноски.
„Очекувам од таа професорска тројка една кампања на едно добро ниво. Пред се очекувам да го запазат своето угледно однесување кога ќе комуницираат меѓу себе и со гласачите“, вели Шибакоски.
И од ВМРО ДПМНЕ и од СДСМ за Гласот на Америка велат дека очекуваат фер кампања.
„И граѓаните и ние како опозиција се надеваме на фер и демократски избори, избори во кои нема да дозволиме брзи прсти, полнење на кутии и гласање за 2 или 4 секунди. Граѓаните ќе бидат запознаени со визијата за право и правда, за правна држава, како и за намерите да се победи на следните предвремени парламентарни избори“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
„Кампањата е натпревар на прогресивни идеи, идеи кои зборуваат за напредок, развој, демократски и европски вредности. Во тој дух, СДСМ е подготвен да организира позитивна, мирна, принципиелна, победничка предизборна кампања. Со граѓаните ќе ја споделиме визијата за иднината“, велат од СДСМ.
Кампањата за претседателските избори започнува на 1 април.
Facebook Forum