Линкови за пристапност

Наследникот на Груевски ќе има лимитирана моќ?


Единствено со намалување на овластувањата на лидерот, ВМРО-ДПМНЕ може да се реформира и стабилизира, сметаат реформаторите на партијата

По локалните избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ освои 120.000 гласови помалку од минатогодишните парламентарни избори, во партијата но, и во пошироката политичка јавност и во медиумите, се поставува прашањето за одговорноста и вината за поразот.

„Никола Груевски и целото партиско раководство мора да поднесат оставки по срамниот пораз, за ВМРО-ДПМНЕ да се реформира и партијата да се врати на политичката сцена, како модерна, десна партија, и како столб на државноста на Македонија“, изјави за Гласот на Америка, Александар Коневски Цезар, член на Републичкиот штаб за реформи на ВМРО-ДПМНЕ.

Денес до 19 часот, односно до полноќ, трае 48-часовниот рок за поднесување приговори, по што Државната изборна комисија (ДИК) мора да постапи и да ги реши во рок од 48 часа, за да бидат познати и конечните резултати од првиот круг гласање на локалните избори.

Во меѓувреме се шпекулира за отчетот и разврската во раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Уште пред четири месеци, Републичкиот штаб за реформи на ВМРО-ДПМНЕ излезе со јасен став дека веќе не е доволно само промена на актелниот лидер, туку дека е неопходна генерална промена на Статутот и целосна демократизација на партијата, со тоа што ќе се намалат ингеренциите на лидерот за поставување на партиски функционери, а членството само да ги бира месните и општинските комитети, делегатите за партискиот конгрес“, изјави Коневски.

Тој е дециден дека единствено со намалување на овластувањата на лидерот, ВМРО-ДПМНЕ може да се реформира и стабилизира.

„Кој наместо Груевски? Тоа е следното прашање, бидејќи кој и да дојде на неговото место, Статутот и нему ќе му дава преголема моќ. Не сакаме ‘султан партија’, туку вистинска преобразба во модерна десна партија. ВМРО-ДПМНЕ ѝ треба на Македонија. И пред изборите имавме собрано 30.000 потписи од незадоволни членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои бараа промени на раководството и одговорност, а сега, по изборите, масовно ни се приклучува партиското членство, особено, откако и во неделата се докажа дека изборот на Груевски за кандидати за градоначалници не беше добар, и дека требаше да се слуша гласот на членовите“, изјави Коневски.

СДСМ во првиот круг од локалните избори освои 37 градоначалнички места, а ВМРО-ДПМНЕ три

Во вториот круг, кандидатите на СДСМ влегуваат со предност во 14 општини, а кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во шест општини.

По таквите резултати, за промената на односот на членството и на неопределените граѓани, синоќа во телевизиски настап, зборуваше Александар Пандов од ВМРО-ДПМНЕ, кој потенцираше дека СДСМ го има истиот резултат од последните избори, а ВМРО-ДПНЕ изгуби 120.000 гласови.

„Над 50.000 гласови е сериозен пораз. Јасно беше дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е намален. Кога се движам меѓу луѓето, гледам како тие реагираат. Претходно ме поздравуваа, а во овој период, луѓето вратат глава од мене и прашуваат што се случи“, рече Пандов.

Груевски по изборите порача дека ќе следува анализа за да се утврди што беше погрешно направено, покрај сите нерегуларности

„Како претседател имам голема одговорност, а за причините, резултатите и за идниот правец, ќе се дискутира во наредниот период, по завршување на изборите“, најави Груевски, обвинувајќи ја владејачката СДСМ за користење на институциите на системот во партиски цели.

Иако ја призна одговорноста, тој директно не ја прифати и вината, и не беше конкретен околу евентуалното поднесување оставка од лидерската функција во партијата, на која се наоѓа речиси 15 години.

Тоа не ги спречи медиумите да лицитираат со имињата на неговиот евентуален наследник, задржувајќи се главно на членовите на потесното раководство, кои досега не биле предмет на интерес на Специјалното јавно обвинителство, како Антонио Милошовски или Никола Поповски, па дури и на актуелниот, генерален секретар на партијата Христијан Мицковски.

Иако нема знаци Груевски во кус рок да поднесе оставка, вриењето во партијата остава можност за промени на чело на партијата, кој, освен што не треба да биде опфатен во случаите на СЈО, евентуалниот нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ веројатно ќе треба итно да го поправи рејтингот на партијата, како и да ги обнови нарушените односи со претставниците на меѓународната заедница во Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG