Линкови за пристапност

Напади врз изборни штабови во Скопје


Иако, согласно членот 8-в од Изборниот законик, вчера напладне учесниците во изборниот процес го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, за претстојните Локални избори 2017, денешниот прв ден од изборната кампања го одбележаа инциденти.

Кодексот за фер и демократски избори, синхронизирано на пригодни церемонии го потпишаa сите кандидати за градоначалници во сите општини во Република Македонија и во Градот Скопје, со што учесниците на Локалните избори 2017 се обврзаа и „си ветија еден на друг, но и на сите граѓани на Република Македонија, дека ќе се придржуваат и активно ќе ги промовираат принципите на слободни и фер избори“.

И Петре Шилегов од СДСМ и Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ и останатите седумина кандидати за градоначалници на Град Скопје од исто толку партии, како и кандидатите за градоначалници во сите општини на Република Македонија, со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, јасно „изразија волја да го почитуваат избирачкото право кое е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање“.

Но, една од првите вести во медиумите утрово беше дека засега непознат(и) сторител(и) го искршиле стаклото од излогот на Изборниот штаб на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во скопската општина Кисела Вода. Кандидатот за градоначалник на оваа партија во Кисела Вода, Јохан Тарчуловски, го осуди инцидентот и изрази надеж дека зад инцидентот не стојат политичките противници.

И од владеачката СДСМ соопштија дека во текот на ноќта бил вандализиран нивниот Изборен штаб во скопската општина Аеродром, но оттаму го обвинија политичкиот опонент, ВМРО-ДПМНЕ, и потенцираа дека се „згрозени од чинот и начинот на кој бил извршен овој, одвратен напад“.

„И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ се обврза на фер и коректна кампања, уште во текот на ноќта беше извршен вандалски чин во кој беше оштетен еден од нашите штабови. Имено, во текот на ноќта еден од нашите штабови во месната заедница ‘Васко Карангелевски’, бил измачкан со измет“, стои во соопштението на СДСМ.

„Дали ваквите чинови воопшто некаде во светот се пракса? Кој е поривот за ваков одвратен, нечовечки чин? Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгуби изборите и преплашени од тоа, делуваат целосно нерационално. Ваквите постапки не доликуваат на Македонија и токму заради овие дела ВМРО-ДПМНЕ ќе биде опасно казнет на 15-ти октомври“, се вели во соопштението на СДСМ.

Инаку сите учесници на изборниот процес вчера, со својот потпис на Кодексот, потенцираа дека „избори кои се фер и демократски и ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење придонесуваат за демократски развој на општеството. Сите учесници во изборите со своите активности го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем на Република Македонија. Сознанието дека заедно учествуваме во процесот на одржување на високото ниво на демократија за нас, учесниците во изборите за градоначалници и членови на советите на општините и на Градот Скопје, закажани за 15 октомври 2017 година, е од непроценливо значење“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG