Линкови за пристапност

Собранието на Македонија не се самораспушти


Амбасадорот на САД по одлуката изрази уверување дека изборите на 5-ти јуни може да бидат кредибилни

Пратениците на ДУИ, ДПА и на ВМРО-ДПМНЕ на полноќна седница, во крајниот законски рок, сепак, со 83 гласа „за“ и само три „против“, ја изгласаа Одлуката за поништување на распуштањето на Собранието на 24 февруари, односно, за одржување на предвремени парламентарни избори на 24 април.

Самораспуштањето ќе важи од 7 април 2016 година, а според законските одредби, изборите ќе се одржат на 5-ти јуни. Министрите и замениците министри од опозицијата кои претходно ковертираа оставки, ги повлекоа затоа што Собранието ноќеска не се распушти и нема да се одржат избори на 24 април а пратениците на опозицијата не гласаа за измена на Одлуката за распуштање, бидејќи не гласаа таа ни да биде донесена.

На прес-конференција во партиското седиште одржана по собраниската седница, во еден часот по полноќ, ескпремиерот Никола Груевски му порача на лидерот на опозицијата Зоран Заев дека само до „5 јуни може да глумите победници, но тогаш ќе видите кој е победник“. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, одлуката за изборите не била „за да го задоволат СДСМ, туку да не остават простор да бидат погрешно сфатени и злоупотребени од сите што не ѝ сакаат добро на Македонија“.

Во својата реакција лидерот на СДСМ, Заев, рече дека „ова е уште еден пораз на Никола Груевски“.

„Ништо повеќе не зависи од Никола Груевски. Во Македонија мора да има и ќе има слободни и фер избори, на кои сите граѓани и партии слободно ќе учествуваат. Во Македонија мора да се избере нова Влада со полн легитимитет“, рече ноќеска Заев.

Американскиот амбасадор Џес Бејли во реакцијата на одлуката на парламентот, изрази верување дека ако секој работи напорно и игра според правилата, изборите на 5 јуни може да бидат кредибилни и да ја придвижат Македонија напред во надминување на политичката криза.

„Реформите во медиумите остануваат многу важен дел не само од изборниот процес, туку се и една од приоритетните реформи што треба да се спроведат. Како медиумите и медиумската сфера ќе бидат оценети, зависи од тоа како ќе ја извршат својата задача, како ќе ги покријат овие многу битни избори. Сите вие потпишавте Етички кодекс и затоа најважно ќе биде како ќе ја завршите вашата работа и да им помогнете на македонските граѓани да бидат информирани“, им изјави Бејли на новинарите..

И европратеникот Ричард Ховит, кој вчерашниот ден со колегите Иво Вајгл и.Едуард Кукан, посредуваше во изнаоѓањето компромис, на твитер напиша „имајте ја предвид изјавата на ЕУ и САД дека реформите во медиумите се' уште се дел од изборниот процес и потребна е напорна работа за изборите да бидат кредибилни“.

XS
SM
MD
LG