Претседателот на Собранието не е оптимист за иницијативата за измени на Изборниот законик во пресрет на априлските предвремени парламентарни избори. Образложението што Талат Џафери го нуди е дека за таков потфат потребна е широка поддршка во парламентот од сите партии.
„Мислам дека без општ консензус не би требало да се влезе во таков проект. Вообичаено такви проекти не се реализираат во последните месеци на работа на Собранието затоа што промената изискува и соодветни промени во моделот и во активности на други институции. Во тој контекст, мислам дека не би требало да се влезе во измени. Ако се влезе во измени, тогаш тоа треба да биде во поечток на мандатот на еден собраниски состав“, изјави Талат Џафери.
Изјавата на Џафери следи откако пред две недели иницијативата за измени на изборниот законик беше формализирана во два предлога – едниот за промена на изборниот модел од шест на една изборна единица пред претстојните избори и вториот за отворени листи од наредните локални избори. Спикерот потврди дека двата предлога се во собраниска процедура и дека може да се очекува наскоро да се најдат пред пратениците.
Засега, од клучните играчи, поддршка за промена на изборниот модел дојде само од владејачката СДСМ.
„СДСМ има предизборно ветување за една изборна единица, сме и за отворени листи“, рече премиерот Зоран Заев.
Но, коалициската ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ се против вакви промени – партијата на Мицковски е за измени, но го преферира мнозинскиот систем. И албанските опозициски партии се против идејата за една изборна единица. Оттука и прашањето дали предложените измени би ја имале поддршката од најмалку 61 пратеник, дали би било коректно да се носат без останатите големи партии и дали тоа би имало ефект врз изборите кои се предвидени за 12 април. Џафери денеска изјави дека засега нема најави за одложување на изборите и дека пред Нова година треба да се знае кои ќе бидат нови членови на техничката влада која треба да се избере на 3 јануари.
Facebook Forum