Денес е првиот работен ден за новиот охридски градоначалник Јован Стојаноски, по примопредавањето на функцијата од страна на неговиот претходник Никола Бакрачески.
Стојаноски, во изјава за Гласот на Америка, рече дека очекува одлична соработка со Владата.
Нагласува дека ова е можност за Охрид да влезе во втората фаза на децентрализација или фискална децентрализација.
„И Општина Охрид треба да ги исполни условите за новите процеси на децентрализација, кои сега се проблем во функционирањето, а со цел влезе во наредна фаза од децентрализацијата и да има поголеми придобивки и самостојност од централната власт. Додека да дојдеме до таа фаза, очекуваме голема соработка со централната власт“, вели Стојаноски.
Тој најави преговори со Владата за одблокирање на општинската буџетска сметка.
Експертите велат дека пренесувањето на повеќе надлежности од централно на локално ниво, ќе го олесни функционирањето на општините, и ќе ја зголеми нивната самостојност.
„Секоја општина во Македонија зависи од Министерството за финансии во поглед на средства, од Министерството за транспорт и врски, бидејќи секој урбанистички план мора да добие согласност оттаму, и од Министерството за локална самоуправа, кое ги контролира одлуките на локалната самоуправа. Најлесно би можело да им се помогне на општините со предавање на градежното земјиште“, вели Владо Чингоски, поранешен претседател на Советот на Општина Охрид.
Чингоски вели дека општините треба да добијат надлежности и во делот на здравствената и социјална заштита.
Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, пак, ветува дека процесот на пренесување на нови ингренции на локалните власти ќе продолжи.
„Јас очекувам одлична соработка со идните локални градоначалници. Мора сите заедно да соработуваме, без разлика на опозиција и позиција, со цел да ги подобриме односите во државата, како и да не дозволиме младите да ни бегаат“, изјави Фазлиу.
Процесот на децентрализација кој почна во 2005-та година се одвива бавно, а локалните власти се зависни од централната власт.
Facebook Forum