Линкови за пристапност

Надмудрување на опозицијата или злоупотреба на демократските механизми?


Смее ли власта, поради деструктивноста на опозицијата која ги користи сите средства за уцена и блокада, на јуриш да го менува Изборниот законик и под европско знаменце да ги заобиколува демократската процедура и правната држава?

„ВМРО-ДПМНЕ свесно и намерно го блокира изборот на Државната изборна комисија, со што во прашање го доведува одржувањето референдум за иднината на државата. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи спротивно на интересите на граѓаните и државата. Лицемерното ВМРО-ДПМНЕ, десет години во секој јавен настап и во секоја изборна програма тврдеше дека граѓаните ќе го имаат последниот збор за решението за спорот со името. Денес, кога постои конечен договор, кога реферндумот е извесен, ВМРО-ДПМНЕ на секаков начин бега од обврската за референдум“, се вели во денешното соопштение на СДСМ.

И на денешната лидерска средба, главна тема ќе биде изборот на новиот состав на ДИК, по вчерашната, изненадувачка одлука на Владата за измени во Изборниот законик по скратена постапка со кои, новите членови ќе можат да бидат избрани и без двотретинско мнозинство, односно, во актуелниот случај и без гласовите на опозицијата. Покрај жестоката реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, одлуката ги зовре и социјалните мрежи, а низ целосно спротивставените ставови на поддржувачите на власта и на опозицијата, и низ заканите и со улични протести, поради неприфатливоста на „надмудрувањето“ на опозицијата за дел од граѓаните, се најавуваат и нови тензии.

На вчерашната 80-та седница, Владата го усвои Предлог-законот за изменување на Изборниот законик по скратена постапка, за да се овозможи деблокада на изборот на нови членови на ДИК.

Според соопштението на Владата, со измените „ќе се надминат објективните слабости во праксата“.

Рокот за формирање на новиот состав на ДИК истече на 29-ти јуни, а на огласот за нови членови што заврши пред две недели, се пријавија 41 кандидат, од кои треба да се изберат седумина.

„Објективните слабости“ на кои се повикува власта се однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која на разни начини ја условува новата ДИК, како со усвојување на Законот за финансирање на политичките партии, така и со формирање на техничка Влада, блокирајќи го изборот на новиот состав на Комисијата која во својот скратен, шестмесечен мандат, би требало да го спроведе референдумот на кој граѓаните би се изјасниле за договорот со Грција за промена за името како услов за евроатлантските интеграции.

Со предложените измени во членот 27, се брише ставот 3, со што се анулира собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, што сега ја раководи пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, која досега подготвуваше Предлог-листа од пријавените кандидати и ја доставуваше до Собранието, и ставот 5, со што се брише и двотретинското мнозинство при изборот, и на власта и се овозможува да ги избере претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК, без гласовите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ се повикува на нотирањето на блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и во извештаите на Венецијанската комисија, и потенцира дека никој нема право да им го попречува правото на граѓаните на остварување на референдумско право на глас, но противниците на одлуката на Владата, реагираат дека е неприфатливо со мнозинство од само 61 глас да се измени одредбата од Изборниот законик која пропишува дека изборот на членовите на ДИК се врши со двотретинско мнозинство (81 глас), дека ваквиот преседан е крајно неприфатлив, дека ја „навредува интелигенцијата на граѓаните“, дека може да предизвика понатамошни последици и „заобиколувања“ на правната држава, како и понатамошно менувањето на законите со надитрувања, според односот на силите во Парламентот.

Владата е со став дека „Уставот на Република Македонија го уредува потребното мнозинство за донесување на одлуки, кое варира во зависност од законската материја или избраната или именувана позиција, за која се носи одлука. Дополнително, освен овие уставни решенија, определени закони предвидуваат двотретинско мнозинство за избор на членови на тела, во конкретниот случај - двотретинско мнозинство за избор на членови во ДИК, според Изборниот законик.

Сепак, ваквото решение и покрај добрата намера при неговото креирање, не смее да се претвори во своја спротивност, овозможувајќи и на парламентарната опозиција, целосно да го блокира процесот на донесување на одлуки“.

И потпретседателката на Парламентот од редовите на СДСМ Фросина Ташева Ременски, на социјалните мрежи ја бранеше одлуката на Владата со ставот дека „попречувањето на формирањето на ДИК од страна на опозицијата, што треба да ги спроведе демократските процеси во Македонија, не смее да биде под директна закана и условеност на дезориентираната опозиција. Премногу е сериозен предизвикот за иднината на граѓаните и државата, за да биде предмет на пазар за бегање од одговорност“.

Од друга страна, еден од експонираните говорници на протестите против промена на името, отец Ивица Тодоров, предупреди дека се работи за контроверзна одлука на Владата која може да доведе до „случување на народот“.

„Ова е веќе опасно. Ако Владата се реши на овој чекор, на понатамошно кршење на Устав, закони и процедури, со сигурност тврдам дека ќе и се случи народ.Секоја граница е веќе помината - ова води во судир. Судир во кој, од едната страна, ќе бидат сите мислечки, морални и достоинствени луѓе на Македонија, без разлика на партиска и идеолошка определеност, а од другата страна ќе бидат Заев, Димитров, Талат Џафери, Бујар Османи и по некој купен или плиткоумен одработувач“.

Професорот Димитар Апасиев од анти-НАТО партијата Левица, и порача на власта да не си игра со оган, бидејќи одлуката е „спротивна на чл. 2 од Пржинскиот договор од 2015 и на сите уставни обичаи – како материјален извор на правото. Или, сега кога сте на власт, не важи ништо за вас!?... Ако не, дај и Уставот сменете го со 61 пратеник. И онака е тоалетна хартија за вас“.

Во одбрана на одлуката на Владата, пак, независниот пратеник Павле Богоевски напиша дека „досегашната законска формулација, која во државите со нормална опозиција служи како гаранција за демократијата, беше злоупотребена од страна на ВМРО-ДПМНЕ.Тајната цел е блокирање на референдумот, блокирање на евроатланската интеграција и јавање на бранот на национализмот и руското влијание, со надеж дека така би победиле на избори и би ја спасиле Фамилијата од кривична одговорност“.

И покрај острите конфронтации, власта се надева дека е можен договор. Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, според медиумите, посочи.

„Се разбира, оставаме можност и се надеваме дека опозицијата на најавената лидерска средба, ќе покаже волја, конструктивност и ќе се надмине себеси во нејзиното политичко однесување. И дека ќе заземе поинаков став - против блокади, а за поддршка на стратешките цели на граѓаните на Македонија“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG