Линкови за пристапност

Промена на политичката мапа на Македонија


Преглед на општините, по вчерашните резултати на изборите

СДСМ најверојатно ќе победи во првиот круг во 30 општини, и ќе води во уште 20 општини, додека ВМРО-ДПМНЕ победи во само три општини и ќе води во уште шест, со тесна разлика во четири од нив, покажуваат резултатите од вчерашните избори.

На изборите во 2013-та година, пак, ВМРО-ДПМНЕ освои 57 градоначалнички места, а СДСМ раководеше само со четири општини.

Генерална промена на ставот на гласачкото тело, и голема промена на ставот на гласачите во општините, е првата оценка на првиот круг на локалните избори годинава

Според мапата на општините, објавена на веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК), по преброени околу 97 отсто од гласовите, СДСМ води во 50 општини, а во триесеттина од нив, победата е остварена уште во првиот круг.

ВМРО-ДПМНЕ води во девет општини, Демократската унија за интеграција (ДУИ) во 12, а во останатите девет општини во државата, во водството се други партии и коалиции.

Победите на СДСМ во три скопски општини, неофицијално во Градот Скопје, уште во првиот круг, и водството во уште три скопски општини, ќе бидат предмет на натамошни анализи, особено поради грешките во проценките во дел од предизборните истражувања на агенциите, и на дел од аналитичарите, кои не предвидуваа таков резултат на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери.

Но, секако дека едно од изненадувањата е водството на кандидатот на СДСМ во Шуто Оризари, каде најголемиот дел од населението се Роми, како и победата на СДСМ во првиот круг во Арачиново, кој првпат ќе добие градоначалничка - етничка Албанка, кандидирана од мултиетничка партија.

Своевиден преседан се случи и на изборите во Кратово, каде првпат по осамостојувањето на Македонија, Социјалистичката партија на лидерот Љубосав Иванов Ѕинго ги загуби изборите, а нов градоначалник ќе биде кандидатот на СДСМ.

Според очекувањата, СДСМ победи во поголемите градови во кои досега имаше градоначалници, како Куманово и Струмица, но и во бастионите на ВМРО-ДПМНЕ изминатите години - Прилеп, Охрид и Битола.

Интересен е случајот со Советот на Битола, каде од листата „Поинаку“, која беше формирана пред изборите, на иницијатива на дел од невладиниот сектор, избрани се двајца советници, што претставува позиционирање на цивилното општество меѓу двете големи партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ води и во шест општини од југоисточна Македонија, во кои, во претходниот период се одржаа референдуми против таканаречените „рудници на смртта“ - Гевгелија, Валандово, Дојран, Ново Село, Босилово и Богданци.

Таму граѓаните, со половичен успех, протестираа против одлуките на локалните власти и на тогашната централна власт на ВМРО-ДПМНЕ, против загадувањето на животната средина, со евентуалното отворање на рудниците во овој земјоделски регион.

ВМРО-ДПМНЕ, која неофицијално победи во рурални општини во околината на Скопје - Сопиште, Илинден и Петровец, води и во Пробиштип и Новаци, и има тесно водство во Кавадарци, како и во Новаци, Чешиново Облешево и Зрновци.

ДУИ освои градоначалнички мандат во градот Кичево и во руралната општина Пласница, а води и во Тетово, Гостивар Дебар, Боговиње, Сарај, Врапчиште, Долнени, Желино, Липково и во Теарце

Демократската партија на Албанците (ДПА) води во Студеничани, Алијансата за Албанците во Струга, а Демократска партија на Турците во Центар-Жупа.

Кандидати на групи избирачи победија или водат во малите општини Могила, Ранковце, Брвеница и Чучер Сандево.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG