Линкови за пристапност

Политичката нестабилност ќе и наштети на македонската економија


Кога има избори никој не зборува за бизнис, вели Таки Фити, првиот човек на Македонската академија на науки и уметности, алудирајќи на можноста од предвремени парламентарни избори во ноември и негативните последици кои тие можат да ги предизвикаат врз економските текови во земјава.

„Честите избори значат, прво, влегување на ресурси кои се скапи. Второ, бизнисот се соочува со неизвесности, а очекувањата во економијата се круцијални. Кога има избори никој не зборува за бизнис, никој не зборува за економија. И ако тие се избегнат во целата оваа ситуација ќе биде добро за бизнисот“, вели Фити.

И економските експерти сметаат дека одлагањето на решавање на актуелните политички процеси во државата поврзани со договорот со Грција, може да бидат лош момент за домашната економија.

„Иако во последно време имаше подобрување на економската стабилност која се рефлектираше во стабилна политичка клима, мислам дека овие турболенции директно ќе влијаат врз економската стабилност, бидејќи кога ние немаме политичка стабилност тоа одма се одразува и во економската активност на фирмите и бизнисот“, вели универзитетскиот професор Изет Зеќири.

„Прашањата за економскиот раст, за креирањето на работни места, за вкупната економска визија која сака да ја испорача владата и понатаму ќе бидат потиснати. Треба да зборуваме и за алтернативни сценарија доколку видиме дека таа евроинтеграција се пролонгира. Мислам дека во тој контекст добро е владата да го сврти вниманието кон економијата“, вели универзитетскиот професор Марјан Петревски.

Но, за поранешниот министер за финансии Трајко Славевски, политичките елити треба да се обидат да ги надминат проблемите.

Има ресурси, со добри политики и користење на предностите од опкружувањето може да се обезбеди стабилен раст и задоволителен стандард за македонските граѓани
Трајко Славевски

„Неизвесностите и политичките кризи имаат свое влијание врз економијата. Но, има и други суштински прашања кои на долг рок можат да влијаат врз економијата. Има ресурси, со добри политики и користење на предностите од опкружувањето може да се обезбеди стабилен раст и задоволителен стандард за македонските граѓани“, вели Славевски.

Носителите на политички одлуки во државата на научен собир во Охрид на кој се зборуваше за идните предизвици на македонската економија посочија дека е потребна стабилизација на политичките процеси, како и влез на земјата во НАТО, а потоа и во ЕУ.

„Тоа е најсилната гаранција дека економскиот развој ќе продолжи со забрзано темпо. За да го постигнеме тоа никако не смееме да ја пропуштиме шансата која ни е на дофат“, вели премиерот на Република Македонија Зоран Заев.

И од Светска банка со предупредување дека политичката нестабилност по референдумот може да ѝ наштети на економијата и оти проектираниот економски раст нема да се оствари доколу не се надмине неизвесноста.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG