Кратер со пречник од 20-тина и длабочина од 30-тина сантиметри на улицата „170“ во тетовска Мала Речица е единствениот доказ дека вчера вечер, околу 22 часот, на ова место експлодирала направа, која, за среќа, не предизвикала ниту материјална штета ниту човечки жртви.
Она што на настанот му дава политичка конотација е што експлозијата се случила во дворот на куќата во која е седиштето на владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ). Жителите на населбата велат дека „некој на моторцикл ја фрлил бомбата“, додека официјалната верзија на МВР за настанот е дека „засега непознато машко лице ја фрлило експлозивната направа на улицата „170“ пред влезот во седиштето на ДУИ, а од детонацијата нема никакви други оштетувања на објекти или предмети“. Полицијата ги демантираше вчерашните првични информации дека било повредено дете.
Јавното обвинителство денеска соопшти дека тетовскиот надлежен обвинител синоќа пронашол и подигнал траги за вештачење и се работи на утврдување на видот на експлозивната направа, како и на идентитетот и мотивот на можниот сторител. Одземени се и снимките од безбедносните камери во седиштетот на ДУИ. Од ДУИ, пак, само кусо соопштија дека во наредниот период, согласно сознанијата што ќе ги обезбедат ќе излезат со официјален став.
МВР, исто така, го потврди и инцидентот што утрово се случил во Исламската верска заедница (ИВЗ) во Скопје, кога 40-тина луѓе предводени од Скопскиот муфтија Ибрахим Шабани и генералниот секретар на ИВЗ Африм Тахири влегле во седиштето на втората по големина верска заедница во Македонија и прогласиле дека е под нивна контрола. Според полицијата, на информативен разговор е приведено едно лице, за кое се сомнева дека дури и употребило пиштол.
Шабани се прогласи за привремено раководство, со образложение дека поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи „ги суспендирал сите правни и уставни акти на ИВЗ“.
„Раководството на ИВЗ го урна правниот систем, уставот и другите нормативни акти на заедницата. Имајќи го овој хаос и последниот инцидент создаден од реисот Реџепи, по кој следеле неуставни одлуки спротивно на сите норми, Муфтиството на ИВЗ - Скопје даде рок од 48 часа за подобрување на состојбата, но Сулејман Реџепи не даде извинување за навредите кон сопругите на имамите. Тој ги прекрши сите уставни принципи и не може да се толерира неговото однесување. Имајќи го предвид сето ова ИВЗ од денеска ќе биде раководена од привремено раководство водено од скопскиот муфтија Ибрахим Шабани. За се подетално, верниците ќе бидат известени детално“, рече Шабани, на прес - конференцијата во дворот на ИВЗ.
„Тие луѓе ја немаат и ја немале таа храброст. Тие се бедни, но, за жал, се плашам некој да не ја злоупотреби општата ситуација во Македонија како џокер, за да ја влоши и онака кревката ситуација во земјата. Напната меѓуетничка ситуација меѓу уште еден етникум“, изјави поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи, по средбата со Реисетот, на која, како што, рече едногласно побарале од органите на редот да дејствуваат за зачувување на верската исламска институција од „група којашто е изманипулирана и политички злоупотребена, за поттикнување на конфликт помеѓу Албанците и Муслиманите меѓу себе“.
Состојбите во ИВЗ ескалираа минатата недела на свеченоста на скопското муфтиство кога беше избегнат физички инцидент, откако Поглаварот Реџепи наводно вербално го нападнал мифтијата Ибраим Шабани и имамите од скопското муфтиство по што скопскиот муфтија побара извинување од Реџепи, а наместо тоа Реџепи свика седница на Реисетот пришто едногласно беше потврдена довербата и легитимноста на Реисот, а скопскиот муфтија Шабани беше разрешен од функцијата и испратен да биде професор во медресата „Иса Бег“ во Скопје. Исто така беше разрешен и секретарот на Шабани, Африм Тахири, кој беше прераспореден на работно место во здружението „Илмије“. Наводно, утрово, тие сакале да побараат образложение на оваа одлука, но се случил инцидент.